ИНТЕРВЈУ | Дизајнерот Златко Јовановски крена фама со две ревии на Модната недела во Париз

Фото: Приватна архива

Македонскиот дизајнер Златко Јовановски со две модни ревии се претстави на Модната недела во Париз. И додека чекореше на модната писта облечен како крал и го украде вниманието на јавноста, од црвената наметката што ја носеше, ѕиркаа везени 99 огледала, а модната колекција го доби името „Нарцис“.

Како е да се биде дел од еден од најпрестижните модни настани во светот, за успехот во модниот свет, за модната писта во Париз и сѐ она што ја прави неповторлива, раскажува во интервјуто за „Слободен печат“.

Откако се претстави со две ревии на Модната недела во Париз, какви импресии носиш оттаму?

– Париз е Париз, центарот на модата. Особено сега, овој период кога трае Модната недела, има мода и на ревиите, но и на улиците и во популарните локали. Јас сум воодушевен…

Во Париз се претстави со колекцијата „Нарцис“. Какви модели доминираа и која е пораката што ја испрати преку модните парчиња?

– Пораката е една: „Кога ќе се погледнете во огледало, треба да видите една совршена личност“ токму како јас што гледам. Моделите беа или во „смирен крој“, со многу вез и детали во форма на цветот нарцис, или експериментален крој, но без вез.

Фото: Приватна архива

Какво е да се биде дел на една од најпопуларните модни недели во светот?

– Чувството е волшебно, гледаш до каде си стигнал, што си направил, по што јас и се разликувам и се истакнувам од другите. Притоа, за секој моден дизајнер е сон да има ревија во Париз, а на мое огромно задоволство, јас имав две ревии. Беше напорно да се постигне сѐ. Првата ревија беше „поинтимна“ за менаџери, новинари, луѓе од внатрешниот свет на модата. А, втората ревија беше презентирање на големата сцена, со огромна публика и многу прес. Jac со мојата појава направив голема фама, па по ревијата, бекстејџот беше преполн од луѓе што сакаат да се сликаат со мене, а и од новинари кои бараа интервју, меѓу кои и ФТВ. Од огромна поддршка ми беше мојата сестра Магдалена која овие денови е тука со мене, ми помага околу сите тековни работи. Jac го ценам нејзиното присуство бидејќи долета од Милано, каде што живее, и ги остави своите обврски за да ми помага мене.

Имаше ли можност одблиску да запознаеш модни дизајнери, јавни личности?

– Да, запознав многу јавни личности, некои од нив беа од Индија, од арапскиот свет или од азиската јавна сцена, за кои искрено јас никогаш не сум ни слушнал, но истите тие имаат големо влијание во јавноста таму. Особено ми е драго што ја видов од блиску Ана Дело Русо, жена на чии стил јас се воодушевувам од мал. А разменив два-три реда муабет и со дизајнерот Стефан Роланд и модната икона Дафне Гинис. За тоа колку добро изгледам, добив комплименти особено за мојот костум што го носев, што всушност е од мојот бренд. И јас им возвратив со искрени комплименти, но лавот во мене и моето его сепак не попуштија ни овој пат, па затоа и не ги прашав светските дизајнери за фотографија со нив. Од друга страна, се сретнавме на вечера во хотелот „Риц“, каде што беа приватно и имавме незаборавна дружба.

Фото: Приватна архива

И овој пат, како и на ревијата во Лондон што беше одамна, носеше круна на главата. Зошто?

– Колекцијата се вика „Нарцис“, па затоа и мојот костум што го носев на дефилето на модната ревија беше везен со 99 огледала. А носев кралска наметка, од црвено кадифе везена со лав, што го симболизира мојот хороскопски знак. Но, јас не би бил Златко, ако не излезам без круна на главата. Но знаете, во Париз поминале многу кралеви на кои им се воодушевувам, ама сите тие носеле само една круна. Само jac бев во Париз – Кралот со три круни, Кралот на светкавото со потпис J3J.

Колку Париз е инспирација за еден моден дизајнер и што е модерно да се носи сега таму?

– Париз е Париз, секој има свој стил, секој е свој и уникатен на свој начин. Преубав народ, среќни луѓе и задоволни од себе.

Дали Модната недела во Париз ти ги отвори вратите за уште поголеми успеси?

– Нормално дека по оваа ревија имам повеќе врати отворено, повеќе понуди и соработки. Јас сум на состаноци по цели денови, имам работни обврски од сабајле до вечер со менаџери на јавни личности и сопственици на шоурумови од целиот свет. Токму овие соработки не ми дадоа простор да прошетам туристички и приватно по музеи или некои знаменитости, но тоа ќе го оставам кога ќе дојдам приватно.

ИНТЕРВЈУ | Златко Јовановски: Јас сум совршен маж, ми фали само уште малку погуста коса и пет милиони евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот