Интернационална премиера на документарниот филм „Време на бетон“ ќе се одржи во Прага

Документарниот филм „Време на бетон“ е во режија на Игор Иванов

Фестивали во Прага и во Истанбул посветени на архитектонскиот филм го селектираа „Време на бетон“ меѓу филмовите кои ќе ги прикажат во официјалната програма, известија од „Скопје Филм Студио“.

Интернационалната премиера на долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов ќе се одржи во рамки на 13. Фестивал за филм и архитектура во Прага. Ова е единствениот фестивал во Чешка со архитектурата во својот фокус, кој има за цел да ја истакне како особено значаен сегмент во секојдневниот живот и да ги промовира пред пошироката публика современите архитектонски пристапи. Проекцијата е закажана за 29 септември, со почеток од 14:30 часот, во Националната галерија во Прага.

По проекцијата ќе се одржи предавање од кураторите на изложбата „Ниедно чувствo не е конечно: Колекција на солидарноста во Скопје“, реализирана во соработка помеѓу „Кунстхале“ од Виена, Национална галерија Прага и Музеј на современата уметност во Скопје.

Следната дестинација на „Време на бетон“ ќе биде 18. Интернационален фестивал на архитектонски и урбанистички филм во Истанбул, во организација на истанбулското одделение на Турската комора на архитекти. Фестивалот ќе се одржи од 7 до 11 октомври и ќе прикаже 37 филмови, иновативни дела селектирани од рекорден број на пријави годинава – 850 наслови од 101 земја. Проекцијата на „Време на бетон“ е закажана за 11 октомври, од 18:00 часот, во Кино „Бејоглу“ и ќе се натпреварува за една од фестивалските награди.

Учеството на ваквите фестивали нуди исклучителна можност за афирмација на македонската култура и уметност, а „Време на бетон“ е уникатен и длабок увид во архитектонската и урбаната историја на Скопје, со посебен фокус на модерната, која го следи градот од почетокот на дваесетиот век.

Филмот е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е актерот Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски. Овој филм е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, посочија од филмската продукција „Скопје Филм Студио“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот