Инспекторите на терен, ќе проверуваат дали се почитува есенската кошничка
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од денеска ќе почне со казнување на трговците кои ги немаат поставено ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“ и не ги продаваат по пониски цени производите за кои Владата донесе одлука да им ја ограничи профитната маржа.
Директорот на ДПИ, Горан Трајковски за МИА изјави дека при вчерашните проверки, до 21 часот забележале дека маркетите не ги поставиле потребните ознаки, со кои требаше да ги означат производите на кои Владата им наметна пониски профитни маржи иако ДПИ им даде рок тоа да го направат до крајот на вчерашниот ден.
-Екипите на ДПИ од утрово се на терен низ целата држава и уште денеска од 12 или од 13 часот ќе почнат со казнување на маркетите кои не си ја исполнуваат обврската – изјави Трајковски и додаде дека маркетите се жалеле дека немале време да ги испечатат ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Владата со ограничувањето на профитните маржи на околу 70 основни прехранбени производи очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто. Согласно одлуката на Владата, трговците требаше да ги обележат намалените производи со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Есенската кошница се полни со производи што се поевтини од 2 до 10 денари