Имаме сè повеќе струја од сонце, но тоа не е решение за енергетската трансформација

Фото: Општина Карпош

ВМРО-ДПМНЕ се обврза дека ќе ја гасифицира РЕК Битола, дека ќе ја модернизира и дека ќе го отвори рудникот Живојно за да имаме домашен јаглен.

Македонија, сакала или не, мора да фати приклучок кон енергетската транзиција, за која сè погласно се дискутира во Европската Унија. Час поскоро ќе се плаќа надоместок за јаглерод, а според анализите, 70 проценти од емисиите на стакленички гасови во Македонија потекнуваат од енергетскиот сектор, па декарбонизацијата е еден од главните столбови на националната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година.

Според Планот што го конципираше претходната влада, во координација со Енергетската заедница, со завршувањето на грејната сезона 2025/ 2026 година да престане да работи првиот блок на РЕК Битола, потоа со завршувањето на сезоната 2031/2032 да се затвори вториот блок, и последниот – третиот блок, да престане да работи со завршувањето на грејната сезона 2039/2040 година, со што РЕК Битола целосно би се исклучил од енергетскиот систем.

Експертите велат дека независно од промените во Владата, преземените обврски мора да се почитуваат, но дали во тоа ќе успееме, зависи од многу фактори – финансии, организација, глобални политики…

Небојша Цветановски, доктор по економски науки и сосопственик на компанијата за обновливи извори „Енерком груп“, вели дека енергетската трансформација е неминовна – од една страна треба да одговориме на потписот што сме го ставиле во Европската енергетска заедница, а од друга страна, реално ние веќе немаме јаглен за РЕК Битола, која и самата веќе е со амортизиран капацитет.

– Огромен и комплексен зафат е да се пренамени РЕК Битола на гас, а главната идеја е таа. Од обновливите извори на енергија, главна е хидроенергијата. Сонцето, како што знаеме, не може да обезбеди сè уште базна енергија, батериските системи се сè уште во некоја развојна фаза и за нив сè уште не е донесена регулативата. Чебрен и Галиште повторно се актуализираат, тоа е многу важен проект, сега се споменува сопствено инвестирање. Тоа е добар проект. Чебрен би била реверзибилна централа, затоа што водата од вештачкото езеро што се преработува во електрична енергија, повторно се враќа со помош на пумпи што ќе бидат напојувани од фотоволтаична централа – објаснува Цветановски.

Тој потсетува дека и сега РЕК Битола не работи постојано со трите блока.

– Реално е таа да се затвори. Ние немаме јаглен. Во меѓувреме, треба да обезбедиме други извори и да имаме обезбедено базна енергија, а тоа е, пред сè, гас и донекаде ветерници. Еден голем проект за ветерници се најави, финансиран од странски инвестициски фондови. Но, реално, тука има многу работа да се заврши, треба да се обезбедат соодветни парцели, вмешани се три општини, а тоа тешко оди – вели Цветановски.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски во повеќе наврати потенцираше дека обновливите извори на енергија се нашето енергетско елдорадо. Во 2023 година РКЕ издаде лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од речиси 399 мегавати, додека во 2022 година се издадени 152,2 мегавати. Во првото полугодие од годинава се издадени лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 мегавати.

– Пониски сметки за електрична енергија е клучната причина зошто интересот за инвестиции во обновливи избори не запира. Помалите трошоци за струја несомнено е директниот бенефит што го имаат компаниите, ако анализираме на микро ниво. Но, ако се гледа големата слика, токму поради овој отворен инвестициски циклус на приватната иницијатива во обновливи извори, попознат во јавноста како елдорадо, државата забележа историски намален нето-увоз на струја од традиционалните 30 проценти на 2,75 проценти во 2023 година. Податоците покажуваат дека за две години и седум месеци во земјава се изградени и приклучени на мрежа капацитети што произведуваат струја од сонце со вкупна инсталирана моќност од околу 731 мегават, додека само еден блок од РЕК Битола има инсталиран капацитет од 233 мегавати – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Според Стратегијата за развој на енергетиката, учеството на обновливи извори на енергија во бруто-финалната потрошувачка на енергија се очекува да биде во опсег од 35-45 проценти во 2040 година. Според динамиката на издавање лиценци, целта може да се постигне и порано.

Сегашната Влада акцентираше дека особено внимание ќе посвети на енергетиката поради што се формира и посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

– Се обврзуваме дека ќе го модернизираме РЕК Битола, што е постоен капацитет и во последните години беше заборавен и ставен на маргините како извор на криминални тендери. Нашата цел е РЕК Битола и технички и технолошки да го модернизираме, да ги подобриме перформансите на производство, меѓутоа и да го намалиме загадувањето. Исто така, планираме отворање на рудникот Живојно, додека е технолошкиот век на траење на оваа постројка, да може да користиме наш домашен јаглен, кој е со извонреден квалитет, со оглед на техничките перформанси на постројката. Се обврзуваме да го модернизираме и ТЕЦ Осломеј, за што уште во првите сто дена ќе одлучиме на кој начин, дали ќе премине како постројка на гас, дали ќе работи на домашниот јаглен или, пак, ќе работи на увозен јаглен – изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

12 европски земји преминаа кон нови извори на енергија

 

Трансформацијата на темна во зелена енергија е во фокусот и на европската јавност.
Како што итноста на климатските промени се интензивира, многу земји ги трансформираа своите методи за производство на електрична енергија. Според анализата на податоците на порталот „Јуропиан коресподент“ во текот на изминатите 25 години, 12 европски земји преминаа кон нови примарни извори на енергија, при што многумина ги прифатија обновливите извори како ветерот и хидроенергијата. И покрај оваа промена, некои земји продолжуваат да се потпираат на необновливи извори. Употребата на јаглен постојано се намалува, додека енергијата на ветерот брзо се прошири, сега служи како доминантен извор на електрична енергија во шест европски земји.

Ако се спореди картата со мапирање на извори на енергија од 1998 со 2023 година, може да се види дека најголема промена има во Шпанија каде што до 2003 година била доминантна употребата на јаглен за да потоа се трансформира во гас. Во Германија ветерниците станаа главен извор на енергија годинава.

„Турција е единствената земја што направи смена од обновливи на необновливи извори на енергија, така што во 2017 година јагленот ги замени хидроцентралите“, пишува „Јуропиан коресподент“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот