Има расположение во ЈСП „Скопје“ да се превезуваат миленици во автобусите, се чека официјална дозвола

Постои голема можност во иднина на сопствениците на мали домашни миленици да им се дозволи да ги превезуваат во автобус. Минатата недела ваква иницијатива до ЈСП „Скопје“ доставија од „Зелен хуман град“, базирана на анкетата која беше поставена на платформата „Мој град“ и за која 1657 граѓани се изјаснија „за“, а само 31 беа против. Според иницијаторите, во ЈСП постои расположение за ваквиот предлог да биде прифатен.

По неформална дискусија со директорот на ЈСП, потврдено беше од негова страна дека иницијативата за транспорт на миленици во автобусите (во транспортер) ќе биде прифатена! Чекаме официјално тоа да биде соопштено од претпријатието – соопшти Горјан Јовановски, советник во Советот на Град Скопје од ЗХГ.

Од „Зелен хуман град“ сметаат дека со оваа иницијатива се охрабрува одговорно сопствеништво, се овозможува еднаков третман на граѓаните што чуваат миленици, а се штити нивниот буџет. Според нив, усвојувањето на една ваква одлука ќе го доближи Градот поблиску до целта да го направи јавниот превоз примарен превоз за граѓаните, ќе создаде позитивна слика кај јавноста за претпријатието, ќе го прикаже како јавен сервис на граѓаните, кој е во чекор со позитивните промени што се дел од природниот процес на напредок на општествата.

Инаку, некои од шоферите во автобусите и сега дозволуваат граѓаните да влегуваат во возилото со маче или мало куче, но заложбите на „Зелен хуман град“ се оваа пракса да се официјализира и да не зависи од добрата волја на возачите во градскиот јавен превоз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот