„Им велиме: Дајте да нацртаме нов европски пат“ – Муцунски за „францускиот предлог плус“

Фото: 360 степени

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека таканаречениот „француски предлог плус“, кој предвидува уставните измени да се спроведат, но да стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес на земјава за членство во ЕУ, може да се постигне преку институциите на Унијата, доколку таа е сериозно посветена на нас и на регионот.

„Француски предлог плус е надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба на таков начин, да ние ќе бидеме апсолутно сигурни, без никаква дилема, дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, дека понатаму нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат. Што не значи дека некоја земја членка по тој пат нема да може да не блокира по однос на неиспорачување реформи во делот на јавни финансии, по однос на неиспорачување на реформи во делот на владеење на правото, но да престанат овие билатерални барања кои што повеќе од 30 години не влечат нас,“ рече Муцунски.

Тој додаде дека гаранцијата за ваквиот предлог “примарно ја бараат преку институциите на Европската Унија, на начин што ќе има сериозна посветеност не само кон нас, туку и кон регионот“.

„И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување на некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред, рече министерот.

Според него, кога има желба кај земјите-членки, ќе се најде начин да се убеди членка којашто прави проблем, доколку е стратешко прашањето. Прашањето е, како што вели тој, дали ЕУ е искрена дека сака да се прошири кон Западниот Балкан. Муцунски „верува дека е искрена“.

„Ние им велиме: патот којшто сте го нацртале ни штети на нас, ќе ви штети и на вас, дајте да нацртаме нов пат. И не само тоа, туку нудиме и логично решение… Поборници сме на концептот дека брзоплети одлуки во надворешната политика носат добри решенија. Видовме како една претходна власт, по неколку месеци формирање на Владата, сакаше да наметне дека таа ги наоѓа најсоодветните решенија во надворешната политика, па не доведе до оваа ситуација со протоколи, со уставни промени, со милион проблеми од техничка природа, со наводно подобрување на меѓусебните односи, но потоа се што ќе им побараа – прифаќаа. И сега ние сме доведени до таква ситуација да треба работата од многу подредена состојба да ја извадиме на ситуација каде што имаме барем минимално достоинство и интегритет да ја движиме државата напред“, рече Муцунски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот