Иднината на медицината: Создадени нанороботи кои влегуваат во мозокот и го запираат крварењето

Фото: Pexels / Anna Shvets

Иднината на медицината пристигна. Тим британски и кинески истражувачи создадоа нанороботи способни да го запрат или спречат крварењето во мозокот на пациентите поради аневризми, објави Универзитетот во Единбург.

Нанороботите досега се тестирани на модели на аневризма и на зајаци, а потребни се повеќе тестирања пред да се обидат да ги вметнат овие мали машини во човечкиот мозок.

Овој изум може да доведе до прецизен и нискоризичен третман на аневризмите во мозокот. Оваа болест е многу опасна и предизвикува повеќе од 500.000 смртни случаи годишно. Покрај тоа, овој медицински проблем – кога крвта се акумулира во дел од мозочната артерија што може да пукне и да предизвика фатално крварење – предизвикува и мозочни удари и ги онеспособува луѓето.

Студијата објавена во „Смол џрнал“ укажува на иднината во која малите роботи можат директно да се контролираат за да извршуваат сложени задачи во човечкото тело – како што е насочена испорака на лекови или „поправка на органи“, велат истражувачите.

– Тимот, во кој учествуваше истражувач од Универзитетот во Единбург, направи магнетни нанороботи чија големина е една дваесетина од големината на црвените крвни зрнца и кои носат лек во заштитна обвивка дизајнирана да се топи на одредена температура. Во лабораториските тестови, неколку стотици милијарди такви роботи биле вметнати во артерија, а потоа со помош на магнети и медицински помагала биле водени до местото на аневризмата. Магнетните извори надвор од телото потоа предизвикале роботите да се соберат во аневризмата и да се загреат до точка на топење на заштитната обвивка, која ослободила протеин кој ја згуснува крвта и на тој начин ја принудува аневризмата да го запре или забави крварењето во мозокот – се наведува во соопштението на Универзитетот.

Меѓународен тим на научници, вклучително и претставници на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Шангај, успешно ги тестираа уредите во модели на аневризма во лабораторија и на одреден број зајаци. Оваа студија може да доведе и до тестирање на луѓе.

– Нанороботите ќе создадат нови граници во медицината. Тоа потенцијално ќе ни овозможи да извршиме хируршки поправки со што е можно помал ризик во споредба со конвенционалните третмани и да таргетираме делови од телото до кои е тешко достапни со лекови. Нашата студија е важен чекор кон воведувањето на овие технологии во третманот на критичните медицински состојби – вели во соопштението д-р Чи Жоу, коавтор на студијата и инженер од Универзитетот во Единбург.

Според истражувачите, овој метод би го заменил ризичниот метод на рачно туркање на микрокатетер во мозокот и операција која може да трае со часови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот