И земјоделките имаат право на породилно отсуство

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Регистрираните земјоделки уплаќаат за пензиско и здравствено осигурување, а ги немаат правата кои произлегуваат од работниот однос.

Федерација на фармери, разни земјоделски и граѓански здруженија, со години имаат едно сосема логично барање – и земјоделките да имаат платено породилно отсуство. А зошто и не би имале? Зошто ова нивно право и досега не беше исполенето? Регистрираните земјоделки уплаќаат за пензиско и здравствено осигурување, а ги немаат правата кои произлегуваат од работниот однос!

Граѓанскиот сектор деновиве повторно ја бранува јавноста на оваа тема, а покрената е  и иницијатива за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување, со кои би се елиминирал нееднаквиот третман што во општеството го имаат регистрираните земјоделки.

Но дали и кога овие предложени измени ќе стигнат во Собранието? И дали пратениците ќе ги изгласаат измените? Во меѓувреме, колку деца ќе се родат додека нивните мајки се лишени од паричен надоместок во време кога не можат да ги вршат земјоделските работи? Прашање е и колу жени нема да се одлучат да раѓаат затоа што реално им се заканува сиромаштија и безизлесност.

Во 2022 година се евидентирани 1.075 индивидуални земјоделки. Според Коалицијата „Маргини“, ова е премала бројка затоа што имаме законско решение кое не ги мотивира земјоделките да се регистрираат. Тоа, пак, раѓа и еден друг проблем – тие се евидентирани како неактивно население.

Во борбата за правата на земјоделките, овојпат поактивно се вклучи и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Оттаму најавија дека ќе поднесат прекршочна постапка против Министерството за здравство ако не иницира соодветни измени и дополнувања на Законот.

Според членот 42 од Уставот, државата посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Но земјоделките се заборавени. А за унапредување на земјоделието од државната каса се трошат огромни пари. За разни субвенции државата секоја година одвојува повеќе од 100 милиони евра.

Ноторен факт е дека не може да се развива земјоделието без да се стимулира нејзината работна сила. А „заборавените“ земјоделки најмалку одат во прилог на оваа теза.

Астрономските цени на зеленчукот и овошјето во последно време, кои секако, меѓу другото, се последица и на пандемијата и на кризата предизвикана од војната во Украина, уште еднаш покажа колку е значајно да имаме домашно производство на храна. Многу фактори влијаат врз формирањето на цените на слободниот пазар (тука не помагаат на владините мерки за „замрзнување“ на некои цени), но запоставувањето на женската работна сила од нашата родна почва исто така не смее да се пренебрегне како факт.

Најскапи се пропуштените, а ненаучени лекции. Најскапо е учењето од сопствените грешки. Само во првите два месеца од годинава, за увоз на храна се дадени повеќе од 150 милиони евра, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Во истиот период, нашиот извоз тежел околу 57 милиони евра. За жал, ретко кој вид на храна го произведуваме во доволно количини за да ги задоволиме потребите на потрошувачите.

Мнистерот за земјоделство Љупчо Николовски на крајот од минатата година најави дека годинава ќе ја имаме најголемата земјоделска реформа.

„Младите земјоделци се нашата мотивација, интересот за мерките кои ги нудиме е сè поголем кај нив. Поддршката која ја даваме на младите земјоделци да започнат свој бизнис преку неповратни грантови вродува со успех. Инвестирањето во вистинските млади земјоделци е наш стратешки пристап, сè со цел да се развива и модернизира секторот земјоделство’, вели Николовски.

Министре, кога вака убаво зборувате, доследно и дејствувајте. Не заборавајте ги земјоделките, и тие имаат право да бидат мајки и да прават пауза во работењето додека се бремени и во првите месеци од животот на нивното дете. Едноставно е!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот