И „Улици и патишта“ во долгови, вработени тврдат кон добавувачи се должи дури 4 милиони евра

Фото: Град Скопје

Директорот на претпријатието Ванчо Умленски досега не одговори на прашањата на „Слободен печат“ за обвинувањата упатени од вработените кон него, иако во некои од медиумите ги демантирал како неточни и тенденциозни – преку адвокат.

Вработени во јавното претпријатие „Улици и патишта“ преку соопштение до јавноста укажуваат на низа неправилности во работењето. Тие како виновници за целата состојба ги посочуваат директорот Ванчо Умленски, кој беше поставен на чело на претпријатието во јуни годинава, како и градоначалничката Данела Арсовска и секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров, кој под притисок на јавноста беше разрешен, а потоа Арсовска повторно го назначи на истата позиција во Градот.

Во соопштението се посочува дека во последните три месеци без склучени договори биле градени објекти во вредност од 60 милиони денари, дека на објектот „Луна парк“ во периодот од април до август 2024 биле изведени патеки од бекатон во вредност од 15 милиони денари, а договорот бил потпишан дури во септември на износ од 7 милиони денари, но и дека врз инженерите и надзорите се врши притисок од директорот и секретарот на Град Скопје за потпишување на градежните книги, иако тоа е надвор од законските прописи. Вработените обвинуваат дека претпријатието кон добавувачи должи 240 милиони денари, односно околу 4 милиони евра, а дека обврските селективно се исплаќаат само кон одредени добавувачи, како на пример „Пуцко петрол“.

За споредба, долгот на ЈП „Улици и патишта“ Скопје во октомври 2021, кога Арсовска стапува на функција градоначалник на Град Скопје, изнесувал 60 милиони денари. Од ова може да се заклучи дека долгот за три години е зголемен четирипати. Побарувањата на ЈП „Улици и патишта“ по основ на активни договори со Град Скопје денес изнесуваат НУЛА денари, додека во октомври 2021 побарувањата од Град Скопје биле 100 милиони денари – се вели во соопштението на вработените.

Поради сето ова, според нив, доведено е во прашање функционирањето на претпријатието, не може да се исплати навреме плата ниту да се набават репроматеријали. Како што тврдат, поради неплаќање на обврските на Град Скопје кон „Улици и патишта“, освен што не може да се набават репроматеријали, не постои можност ниту да се поправат дефектите на градежните машините.

Од Град Скопје нема никаква реакција на обвинувањата на вработените, а јавните претпријатија и нивните директори поставени од Арсовска веќе е познато колку се нетранспарентни и нерасположени за каква било соработка со медиумите.

Директорот Умленски, кој и по три месеци откако е назначен не се појавил во јавноста, досега не одговори на прашањата на „Слободен печат“ за обвинувањата упатени од вработените кон него. Па, така, не се знае дали претпријатието навистина изведувало градежни работи без склучени договори, нема одговор дали вработените и инженерите се изложени на притисоци од раководството на претпријатието и од градскиот секретар, ниту дали платите навреме се исплатуваат.

Но затоа, во некои од медиумите Умленски се огласил преку адвокат, што е досега незабележано однесување на директор на јавно претпријатие, кој во негово име ги демантирал како неточни и тенденциозни обвинувањата на вработените, кои му ја нарушуваат честа и угледот на Умленски. Според него, невистините биле и тврдењата за ликвидноста на „Улици и патишта“ и можеле да ги обесхрабрат сегашните и идни добавувачи.

Утре, Советот на Град Скопје ќе одржи две седници. На едната, меѓу другото, советниците треба да гласаат за давање субвенции на ЈП „Улици и патишта“ за, како што се вели во предложената одлука, одржување и оперативни трошоци на Центарот за управување и контрола на сообраќај во износ од 20 милиони денари.

Претходно е закажана седница за советнички прашања, на која можеби ќе присуствува и директорот Умленски, кој можеби без адвокат ќе даде објаснување за сето она за што го обвинуваат вработените во соопштението до медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот