И работниците треба да ги штитат работничките права

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Не зависи сѐ од волјата на синдикатот. Потребно е на протест да излезат не стотици, туку илјадници работници. И да бидат заштитени од гневот на работодавачите.

Одамна не сме виделе синдикален протест и работници на улица. Овој модел на изразување работничко незадоволство речиси и да се заборави кај нас. Одамна не сме виделе ни секојдневни соопштенија од Сојузот на синдикатите во кои ги наведуваат своите барања и критики, а ете и тоа се случува. Дали тоа во државава повторно се раѓа синдикализмот? Негов подем има – тоа е очигледно, но што е со другата страна, со раздвижувањетo на работниците? Е, тука имаме голем проблем.

Работниците со текот на годините станаа плашливи, сфатија дека лесно може да го загубат своето работно место и дека, иако сите велат дека не можат да најдат работници, „нормална“ работа тешко се наоѓа, а и секоја наредна, по некое непишано правило, тешко дека е подобра од претходната работа. Во вакви услови, голем дел од незадоволните работници не се одлучуваат да бидат дел од синдикалниот марш. Тешко дека газдите имаат толкав демократски капацитет да ги гледаат своите работници незадоволни, а уште повеќе да гледаат како пред зградата на Стопанската комора извикуваат – уааа! Затоа и не е за изненадување тоа што на неделниот синдикален протест имаше стотици, а не илјадници работници и што, како што можеше да се забележи, повеќе од присутните беа од јавната администрација. Ним нема кој да им замери што дошле. На крајот, тие беа таму за нешто што ќе биде од корист и на нивните директори – регрес за годишен одмор.

Сојузот на синдикатите овој протест го организираше поради односот на, како што рекоа, ненародните пратеници, кои не ги гласаа законите што требаше да им обезбедат поправедна работа на работниците. Така, законот со кој недела треба да стане неработен ден, заглави во лавиринтите на Собранието.

Синдикатот бара да се исполни и ветувањето на премиерот Зоран Заев од 1 јануари минималната плата да биде 18.000 денари, но и зголемување на другите плати. Поразителен е податокот што беше објавен на протестот дека бројот на вработените што земаат минимална плата достигнал 110.000. Ако е така, тогаш состојбата не е за синдикален протест, туку за најголем генерален штрајк во историјата на работничкото движење во Македонија. Тоа значи дека секој петти работник зема по 15.200 денари плата?! За каков тогаш национален просек од над 28.000 денари воопшто зборуваме?

Синдикатот има уште многу работа. Синдикалците ветуваат голема битка и јасно и гласано зборуваат за многу кршења на работничките права – недореченост во регулативата што му овозможува на газдата да си ја оцени економската состојба во својата фирма како лоша за да не им исплати на работниците К-15, држење работници со години „на определено време“, дури и подолго од предолгиот законски рок од 5 години, неисплата на прекувремена работа итн.

Извојување на која било од овие битки, како лоцирани цели, ќе биде повеќе од тешка, а за тоа доволно зборува и поразителното тврдење на синдикалците дека во компании со 3.000 вработени е оневозможено да се организира синдикат, затоа што тоа го попречува работодавачот. Очигледно сѐ уште во неговите раце се и камшикот и сатарот. А што е со член 37 од Уставот? Таму јасно пишува: „Заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати“.

Синдикатот ветува дека ќе има „синдикални напади“ во фирмите. Дали ќе попуштат браните што ги изградиле работодавачите, неретко заедно со власта или со одредени институционални структури кои со „мало внимание“ ги ставиле во скутот? Дефинитивно, прашањето не е едноставно. Не зависи сѐ само од волјата на синдикатот. Потребна е и волја на работниците, која се загуби во тридецениската приказна за транзиција и во високата стапка на невработеност. Но, за подобар живот на работниците треба да се погрижи и Владата, која и во пазарна економија има свои механизми. За почеток, нека се погрижи да се спроведуваат сегашните закони, оние што синдикатот се залага да се сменат, зашто дури и ни тие така скроени (најчесто во корист на работодавачите) не се спроведуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот