И Македонија се подготвува за ковид-вакцината: Еве кој смее, кој не – да се вакцинира

EPA EFE
Фото: EPA-EFE/BIONTECH SE / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Вакцината против Ковид 19, ќе можат да ја примат сите граѓани и ризични групи на пациенти кои во моментот се во добра општа здравствена состојба, но големо внимание ќе мора да се обрне кај оние граѓани кои го прележале вирусот, а кои се уште се во фаза на оздравување или имаат последици од него.   

Според информациите на „Слободен печат“ од членови на Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизација, препораката е најмалку еден месец по прележувањето грип или ковид, лицата да се вакцинираат со вакцината против ковид и тоа исклучиво ако се здрави. Активните случаи не примаат ниту една вакцина, вклучително не и ковид вакцината затоа што имаат акутна инфекција.

Претседателката на Комитетот за имунизација, професор доктор Александра Грозданова за „Слободен печат“ вели дека како и за секоја друга вакцина, така и онаа што ќе дојде во земјава против Ковид 19, ќе мора граѓаните да ја примат доколку се во општа добра здравствена состојба. Иста е ситуацијата и со вакцинацијата за грип.

– Сега имавме прашање на Комисија, што се случува со пациентите кои прележале ковид, дали да примат вакцина за грип. Одговорот е да, секако, но најрано месец дена по прележувањето и ако се во општа добра здравствена состојба. Не сите пациенти со прележан ковид се во иста состојба. Некој го поминал вирусот ,,на нога” за три дена и не ни знаел дека го има, а некој четири месеци подоцна е со сериозни здравствени последици. Не може да се даде општа препорака, туку тоа зависи од случај до случај, вели Грозданова.

Таа додава дека грипот не остава такви последици како што се случува со Ковид.

– Ковидот дава временски подолгорочни последици, кардиоваскуларни заболувања, состојби со срцето, бубрезите, невролошки заболувања. Тоа не го гледаме кај грипот. Но, правилото да не се прима вакцина кога лицето не е во добра општа здравствена состојба важи за сите инфективни заболувања и тоа за сите пациенти од новороденче до геријатриски пациент, независно за тоа за каква вакцина станува збор, објаснува професорката на Фармацевтскиот факултет. Иако земјава се приклучи кон КОВАКС механизмот, кој гарантира дека ќе ја добиеме прво – регистрираната и првоодобрената вакцина од СЗО, сепак за сите земји од Европа и од светот нејзиното складирање претставува логистички предизвик.

Министерот за здравство Венко Филипче, вели дека американска фондација се понудила на Македонија да и ги донира фрижидерите во кои ќе се чува вакцината на американскиот производител ,,Фајзер” затоа што таа треба да се чува на минус седумдесет степени. Испораката се очекува за четири до пет недели. Иако не е сигурно дека токму фајзеровата ќе биде првата вакцина која ќе стигне кај нас, сепак здравствените власти се подготвуваат и за ова сценарио.

Компаниите Фајзер и Модена до Европската медицинска агенција поднесоа барање за одобрување по итна постапка. Клиничките студии завршија и почнува административниот процес на одобрување кој требало да резултира со административни дозволи за употреба на овие две вакцини до крајот на годинава.

– Во моментот се прави план на активности за обезбедување на овие фрижидери, но за тоа е надлежно Министерството за здравство кое се подготвува наназад неколку недели. Колку фрижидери ќе набавиме зависи од тоа колкава ќе биде бројката на вакцини што ќе ја добиеме. Не знаеме дали фајзеровата ќе биде првата вакцина што ќе ја добиеме, меѓутоа, бидејќи е во четирите кандидати кои се најнапред во истражувањето, се подготвувме и за ова сценарио. Правиме анализа на капацитетите кои ги имаме. Секако дека ќе се користи нашата постоечка здравствена мрежа и ќе изнајдеме и дополнителни начини за да обезбедиме помасовна и побрза вакцинација. Со КОВАКС механизмот обезбедено ни е да добиеме 833.000 вакцини, за 20 проценти од популацијата. Ќе ги добиеме вакцините два пати по 400.000. Меѓутоа, тие 400.000 нема да ги добиеме во една испорака, туку сукцесивно. Ќе се користи здравствената мрежа на државата која што веќе ја имаме. Она што се прави во некои земји од светот, вакцинирање на стадиони или други поголеми простори, кај нас е втора опција односно можно сценарио, но приоритетно гледаме да ги искористиме постоечките здравствени капацитети, што значи здравствените домови, уверува доктор Грозданова.

Болниците во руралните средини во САД, кои се приватни и имаат посиромашен буџет, веќе почнаа да се жалат дека нема да имаат како да ја складираат фајзеровата вакцина која мора да се чува на минус 70 степени.

Но, професорката Грозданова за „Слободен печат“ посочува дека ова сценарио во земјава нема да се случи, зашто нашиот здравствен систем е државен, станува збор за многу поинаков здравствен систем од американскиот, помала територија и имаме веќе воспоставена мрежа на функционални здравствени објекти. Граѓаните не треба да стравуваат дека зашто не живеат во Скопје, нема да имаат можност да се вакцинираат. Напротив, надлежните уверуваат дека вакцината ќе е еднакво достапна во сите градови од државата. Дистрибуцијата на вакцината за ковид 19 е глобален предизвик. Во Германија таа се складира на аеродромот во Франкфурт.

– Се прави и анализа на медицинскиот персонал за да биде во доволен број при администрирањето на вакцината. Дел од медицинските сестри ќе бидат пренаменети и ќе се јават како помош на постоечките вакцинални пунктови и делот на апликацијата ќе биде едноставен и нема да претставува проблем, тврди доктор Грозданова.

Бионтек тврди дека нивната вакцина може да ја примат и тие што имале Ковид 19

Членот на управниот одбор на компанијата Бионтек која во партнерство со компанијата Фајзер ја има првата вакцина против коронавирусот која веќе се дистрибуира во САД и во европските земји, доктор Озлем Туречи вели дека нивната вакцина е безбедна за луѓето кои веќе имале Ковид 19.

Вклучивме луѓе кои претходно биле заразени и кои не биле заразени со коронавирусот и не видовме никакви разлики во безбедносниот профил, изјави Туречи.

Фајзеровата вакцина според последното известување од производителот има 95 процентна ефикасност ако се даде во две дози во временска разлика од една недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот