Хелсиншка комисија на САД со извештај за долгорочната закана од страна на Русија и стратегија за нејзино спротивставување

фото: МИА

Хелсиншката комисија објави денеска извештај насловен „Спротивставување на Русија: подготвеност за перманентна руска закана“, во кој се вели дека оваа земја е една од најсериозните закани по националната безбедост и просперитетот на САД и на современиот свет. Се истакнува и дека не смеат да се игнорираат нуклеарните закани од страна на Москва, пренесе МИА.

Хелсиншка комисија е меѓупартиско независно тело при Конгресот на САД, чија задача е да го следи почитувањето на хуманитарните одредби од Завршниот акт на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) од страна на земјите потписнички и да врши притисок врз владите на тие земји каде што овие одредби се прекршуваат. Во неа членуваат сенатори и членови на Претставничкиот дом.

Во извештајот се истакнува потребата од развој на долгорочна и сеопфатна стратегија за спротивставување на Русија, „која продолжува да дејствува како империјална сила заканувајќи им се на своите соседи, САД и целиот демократски свет“, се вели во изјавата на Џо Вилсон, претседател на комисијата и републиканецот од Јужна Каролина.

-Русија стана една од најсериозните закани по националната безбедност и просперитетот на САД и на современиот свет. Пристапот на слободниот свет, применуван во изминатите триесет години – вклучување на Русија во глобалниот економски систем, збогатување на руските олигарси и да се однесуваме кон Русија како рамноправна – доживеа решителен неуспех, изјави конгресменот Вилсон. „На злонамерното руско влијание мора да му се спротивставуваме секаде и секогаш. За да бидат Американците безбедни, нашите сојузи цврсти, а глобалниот поредок предводен од САД, кој овозможи невиден степен на човекова слобода и просперитет, да остане непроменет.“

Извештајот подвлекува дека победата на Украина е неопходен, но не и доволен чекор, не само да се натера Русија да размисли и да спроведе реформи, туку и за спротивставување на руската агресија во поширока смисла.

-Победата на Украина ќе го зачува суверенитетот на Украина како независна демократска држава и ќе спречи Русија да продолжи со освојувања во земјите од Вишеградската четворка, Балтикот, Кавказот и пошироко, се вели во документот.
Се тврди дека Вашингтон мора да го преиспита својот пристап кон Русија, слично на она што се случи последниве години во односите со Кина, и соодветно на тоа да ги распределува ресурсите.

Хелсиншка на САД повика да се обезбеди „масивна“ воена и хуманитарна помош за Киев и да се дозволи вооружените сили на Украина да изведуваат удари длабоко во руската територија со оружје обезбедено од САД.

Извештајот истакнува дека нуклеарните закани од страна на Русија не смеат да се игнорираат и повикува на развивање на акциски план во случај на потреба.
Авторите на извештајот го повикаа Вашингтон на засилување на воената поддршка, економските инвестиции и мерките за поддршка на образовниот сектор и демократските институции во земјите на кои Русија им се заканува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот