Гренел: Ситуацијата со Косово беше подобра за време на Трамп

Фото: EPA-EFE/ALEXANDER BECHER

Поранешниот пратеник на Белата куќа за дијалог меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, изјави дека ситуацијата во врска со Косово била подобра за време на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп. Тој додаде дека не е сигурен оти потпретседателката на Америка и демократска претседателска кандидатка Камала Харис „дури знае“ каде е Балканот, наведува српска „Политика“.

„Разочаран сум што сите добри работи што Трамп ги направи во регионот се расипани. Не треба да ви кажам, ниту на моите пријатели Албанци, на луѓето во регионот воопшто, дека ситуацијата е полоша под администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Во исто време не сум сигурен дека Камала Харис воопшто знае каде е Балканот“, рече Гренел, на приемот на мисијата на Србија во ОН.

Во изјавата за новинарите, тој додаде дека Харис не е фокусирана на тоа прашање и дека „нема сомнеж“ дека работите биле подобри кога Трамп бил претседател. Американскиот дипломат исто така рече дека Србија и Америка имаат долга историја на односи и дека се „врзани со искрено пријателство“ без разлика кој ќе победи на претседателските избори во ноември.

Гренел додаде дека е во контакт со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и дека негов совет отсекогаш бил Србија да се приближи до Западот и САД и да се дистанцира од Русија и Кина.

„Иднината на Србија е секогаш да биде со Америка, а не со Русија и Кина. Односите меѓу Србија и САД секогаш ќе бидат добри, бидејќи тоа е нешто што е надвор од политиката“, рече Гренел.

На приемот во Њујорк тој исто така рече дека му е драго што Србија напредува во технологијата и што зборува за вештачка интелигенција.

„Србија зборува за вештачка интелигенција во ОН и добро е што зборува за тоа, затоа што знаете што значи тоа за луѓето, тоа значи работа. И тоа е она што сите сакаме да го видиме, а тоа е создавање нови работни места“, изјави Гренел, пренесува Танјуг.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот