Грчко вето ги демне Македонија и Албанија, бугарското засега било доволно, пишува Елефтеротипија

EPA-EFE/PATRICK SEEGER

Албанија ги започнува официјалните пристапни преговори со ЕУ на 15 октомври, додека Северна Македонија на болен начин „плаќа“ за агресивното однесување на новото политичко раководство на оваа земја кон соседите, моментално кон Бугарија, нагласува грчка Елефтеротипија во статијата насловена „ЕУ го става Скопје под мраз – Тежок курс за Тирана“.

„За прв пат по една деценија, заедничкиот пат на двете земји кон ЕУ се прекинува и секој оди по својот пат. Ова се сметаше за неопходно поради конфликтот меѓу актуелната влада во Скопје, во која доминира екстремната националистичка партија ВМРО, и Бугарија. Во 2020 година, Софија го блокираше почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ на Северна Македонија, поврзувајќи го укинувањето на ветото со уставното признавање на бугарското малцинство во таа земја. Конечно во 2022 година, со посредство на ЕУ, двете земји се договорија со тогашната влада на Северна Македонија да се заложат за уставно признавање на бугарското малцинство. Тогаш екстремистите дојдоа на власт во Скопје со премиерот Христијан Мицкоски кој сакаше повторно да преговара со Бугарите, што Софија категорично го отфрли со враќање на ветото“, пишува изданието.

Елефтеротипија потсетува дека во исто време Владата во Скопје го преиспитувала и Договорот од Преспа со Грција.

„Се подразбира дека Грција пак ќе стави вето доколку владата на Мицкоски го прекрши Договорот. Засега, ветото на Бугарија е доволно, што ја остава Северна Македонија надвор од преговорите“, нагласува весникот.

Во анализата на грчкиот новинар Никос Белос се потенцира дека процесот на пристапување на двете земји Европејците го поврзале политички поради проблематичните односи што постоеле внатре во Северна Македонија меѓу Албанците и Македонците:

„Со други зборови, се сметаше дека заедничката интеграција на двете земји позитивно ќе функционира и во односите меѓу двата етникума. Исклучувањето на пристапниот процес од ЕУ, за кое претходните денови одлучија амбасадорите на 27 земји, беше еднонасочна улица по одбивањето на Владата во Скопје да го почитува договорот со Бугарија. Тоа ќе има многу сериозни импликации за пристапниот процес на Северна Македонија, имајќи предвид дека кога Албанија ќе преговара, Скопје ќе остане во лобито на ЕУ, каде што беа од 2006 година, кога беа назначени како земја кандидат“.

Тешко патување за Тирана

Во однос на Албанија, според писмото испратено од ЕУ во Тирана, пристапните преговори ќе започнат на 15 октомври во Брисел, на министерско ниво, каде и официјално ќе бидат отворени првите поглавја од acquis communautaire (комулативната легислатива на ЕУ). Албанија беше прогласена за земја кандидат во 2014 година.

Се потсетува дека поради притворот на тогаш избраниот градоначалник на Химара, Фреди Белери, Грција го одложи почетокот на пристапните преговори со тоа што не дала согласност за испраќање на писмото за почеток на пристапните преговори. Со ослободувањето на Белери, Грција даде „зелено светло“ и писмото беше испратено во Тирана.

Врз основа на новата методологија, пристапните преговори се поделени во шест тематски области: 1) фундаментални вредности (владеење на правото), 2) внатрешен пазар, 3) конкурентност и инклузивен раст, 4) зелена агенда и одржливо поврзување, 5) ресурси, земјоделство и кохезијата, 6) надворешни односи.

Преговорите за фундаменталните принципи ќе бидат првите што ќе се отворат и последни ќе се затворат, а целокупното темпо на преговорите ќе зависи од напредокот во овие области.

Се подразбира дека пристапниот пат на секоја земја кандидат е реверзибилен во сите фази. Секоја земја членка на ЕУ може да ги блокира преговорите во која било фаза ако смета дека не се почитува „EU acquis“ во однос на човековите права, вклучително и правата на малцинствата кои се врвен приоритет за Европејците.

Затоа, почетокот на пристапните преговори во никој случај не го негира правото на Грција да ги блокира во случај на деликвентно однесување на албанската страна. Правото на вето важи до последниот ден пред влезот во ЕУ.

Германија ќе ја казни непослушноста на Косово

Во слична анализа на грчкиот портал „Либре“, се нагласува дека раздвојувањето на пристапните преговори минатата недела кога постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел одлучија да го разделат европскиот пат на Албанија и Северна Македонија, е нешто што се случува за прв пат во историјата на Унијата. По 2004 година, во најголемото проширување досега направено во ЕУ, преговорите ги водат две земји, како Бугарија-Романија, Србија и Црна Гора, Албанија-Северна Македонија.

Авторот Спирос Сидерис подетално ги анализира импликациите кои од ЕУ ќе ги трпи и Косово кое „продолжи со низа еднострани иницијативи против српското население кое живее во Северно Косово, што предизвика нова тензија со Србија и иритација во САД и ЕУ“ во време кога е влошена климата во Европа со руската инвазија врз Украина, со што се забрзаа процесите на интеграција на земјите од Западен Балкан, „бидејќи регионот се смета за темпирана бомба за мирот во Јужна Европа“.

„Што се однесува до Косово, кое сè уште не ги започнало пристапните преговори, доколку не ги исполни обврските што ги бара Германија, Приштина би можела да се соочи со исклучување од Балканскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и исклучување од претстојниот Берлински процес на 14 октомври. Од Косово се бара да ја укине забраната за увоз на српска стока, а аналитичарите сметаат дека ова е голем тест за Албин Курти, бидејќи во случај на непослушност, Приштина може да биде заобиколена во големите проекти што се реализираат во регионот, додека давајќи му на Белград поудобна политичка позиција. Оваа одлука се заснова на поширокото незадоволство на западните сили и на однесувањето на Курти, со спроведување на еднострани мерки кои го спречуваат дијалогот и создаваат тензии. Секако, Западот не презема политички мерки, затоа што тоа би ја ставило во прашање независноста на Косово, затоа и притиска економски. Сепак, Курти не е подготвен на отстапки бидејќи е во завршна фаза од кампањата за изборите кои се распишани за 9 февруари следната година“, стои во анализата објавена на „Либре“.

Во анализата се посочува дека во септември во центарот на случувањата на Западен Балкан, „не само во реториката, туку и во практиката, беа Северна Македонија и Косово како две земји кои на овој или оној начин ја одржуваат тензијата во регионот и предизвикуваат страв во Брисел од разгорување на неконтролирани ситуации“. Од друга страна иако останува непознато кога земјите од Западен Балкан ќе се интегрираат во ЕУ, најновите случувања покажуваат дека се надминува инерцијата што го одбележа европскиот пат на балканските земји во последните 20 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот