Граѓаните „сити“ од бучните кафеани и дуќани, имаат проблем со урбаното живеење

Маркет во зграда / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Своевидниот „урбанистички кошмар“ го потврдува и фактот дека дури секое десетто семејство во градовите има проблеми со бучава од соседите, улицата или од близината на некој индустриски објект. На бучавата се надоврзуваат и загадувањето, нечистотијата и другите еколошки проблеми.

Бучава и издувни гасови од камионите што вршат дотур на стока во дуќаните, но и затнати контејнери за ѓубре од хартиената и пластичната амбалажа и скапаниот зеленчук и овошје што останале непродадени, се главните проблеми на кои се жалат граѓаните што живеат до некој малопродажен објект. Иако на некои дуќани јавно е објавено времето за прием на стоката, тоа ретко каде се почитува. Во некои малопродажни објекти, стоката се прима или пред или по крајот на работното време, што значи дека се нарушува периодот за одмор.

– Во определеното време, дотурот на стоката се врши по затворањето на дуќанот. Се паркираат камиони, се трескаат врати, гласно се зборува. Друг проблем е фактот што и ние, но и дуќанџиите ги користиме истите контејнери што брзо се преполнуваат, а фрлениот емиш и зарзават скапува во нив и се шири реа – велат жители од Карпош.

Уште потешко им е на оние чии станови се над кафеана, дуќан што продава скара на кило или пекарница, па станарите велат дека не можат да дишат од чад, а тазе испраните алишта им мирисаат на застоено масло и пржен кромид.

– Кај нас нема комунална полиција, иако нејзиното формирање се бара со години. Граѓаните од незнаење понекогаш ја промашуваат институцијата на која ѝ се жалат. И до Агенцијата за храна и ветеринарство стасуваат такви претставки дека „во влезот им мириса на печено месо и пржени компири“ – велат од АХВ.

Своевидниот „урбанистички кошмар“ го потврдува и фактот дека дури секое десетто семејство во градовите има проблеми со бучава од соседите, улицата или од близината на некој индустриски објект. Во македонските градови овој проблем ги засега дури 15,8 отсто од граѓаните. Во објавените податоци од Пописот 2021, еден дел опфаќа какви проблеми постојат во станот и во околината во која живееме, без разлика дали тоа се градови или села. Во селата, веројатно поради слабата населеност, со вакви „трауми“ живеат само 4,3 отсто од граѓаните.
Поради вревата и гласната музика што доаѓа од кафулето под нивната зграда, жители на Ново Лисиче велат дека немаат мир и не можат да спијат навечер. Жителка на скопски Аеродром додава дека во приземјето на зградата во која живее се наоѓаат неколку локали, кафеана и пекарница и дека бучавата станала неподнослива.

– Најлошо е за викендите, тогаш не се спие. Музиката е прегласна, гостите се караат, удираат врати – додава таа.

Освен бучавата, која „не им дава мир“, проблем се и луѓето што ги оставаат своите автомобили пред угостителските објекти и им ги заземаат паркинг-местата, а понекогаш го блокираат влезот во зградата. Еден дел од тротоарот е дури и зафатен во лето, има кафеана со градина, па пешаците за да поминат, мора или да поминуваат меѓу масите или да излезат на коловозот, додаваат жителите на скопско Дебар Маало.
За потсетување, во 2017 година, граѓани што живеат во Дебар Маало, поради проблемите со бучавата и окупираните тротоари, официјално побараа од Општина Центар инспекциските служби да интервенираат против акустичното загадување од кафеаните во нивна близина. Граѓаните се жалеа дека „не можат да спијат, дека нивниот живот е нарушен“.

– Скопје станува неподносливо поради големата бучава, особено во централните подрачја на градот, на булеварите. Големиот број возила прават долги колони и метеж на улиците. Во текот на ноќните часови може да се слушнат силни и иритирачки звуци на мотоцикли и автомобили, кои со брзина поголема од дозволената се движат по булеварите – вели жителка на Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот