Граѓаните што им продаваат кеси на пазарџиите преплашени: Со децении го работам ова, без кесите ќе останам и без леб

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од продажба на кеси и малку од земјоделие, ја скрпувам живејачката. Покрај на пазарите, си имав свои „муштерии“ и меѓу продавничките, вели загрижениот продавач на кеси од новата регулатива.

Нашиот соговорник може често да го видите на пазарите како на пазарџиите им носи кеси. Тој продава купче од 100 кеси за 150 денари и тоа му е „бизнис“ што го работи со децении. Сега е исплашен дека новата регулатива може да му го земе лебот.

– Јас веќе имам накај 60 години. На работа тешко некој дека ќе ме прими, а и веќе две децении го работа ова. Од продажба на кеси и малку од земјоделие, ја скрпувам живејачката. Покрај на пазарите, си имав свои „муштерии“ и меѓу продавничките. Кеси си набавувам од овдешните фабрики – вели нашиот соговорник.

Продавачот на кеси вели „ќе ви ја раскажам сегашната мака на продавачите на кеси, но не сакам да ме сликате, или да ми го објавувате името, да не налутам некој инспектор“. Причината поради која би можел да го налути инспекторот е што тој сè уште добро ги продава кесите.

– Засега, кеси се уште купуваат и на пазарите, па и во дуќаните. Јас носам биоразградливи кеси. Еве погледајте го пакувањето, на него се пишува. Јас ова не сум го напишал. Но, слушам ќе имало некои нови стандарди, а кесите веќе мора да се продаваат по 15 денари една. Кој ќе купи кеса 15 денари? – загрижено вели нашиот соговорник.

На пазарите велат граѓаните веќе доаѓаат со торби, но дека ним им е најзгодно да го измерат овошјето и зеленчукот во кеса.

– Ние си ги имаме своите добавувачи со кеси, кои со години нè снабдуваат. Покрај тенките, сега повеќе почнаа да носат поголеми на кои пишува дека се биоразградливи, но тие ни се поскапи. Еве на пример јаболката ги продаваме по 20 денари и во таа цена е и нашиот ќар, а за биоразградливата кеса треба да дадеме 1,5 денар. Ние кесите не ги наплатуваме. И како да наплатиме 15 денари кеса, ако некој купи кило јаболка. Од друга страна, прометот е далеку од некогашните времиња и гледаме што е можно повеќе да продадеме. Секој купувач ни е значаен, па и на оној што поминува без торба, а кој ќе се загледа во тоа што го продаваме, веднаш гледаме како нешто да  му спакуваме – вели еден од продавачите на Зелен пазар.

Тој објаснува дека се сеќава на времето кога масовно се користеле платнените торби, но вели дека тогаш овошјето и зеленчукот се мереле на поинакви ваги.

– Тогаш вагите беа со тег и со еден сад, ако се сеќавате. Во тој сад се ставаше овошјето, или зеленчукот, па потоа им ги префрлавме во торба. Сега имаме дигитални ваги, горе со рамни површини. Како сега да мериме? Можеме да ставиме некој сад, па да го одбиеме во тежината. Ама потоа иди разбери се со народ, дали точно сум му одбил – раскажува пазарџијата.

Директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска, во интервју за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ рече дека сите кеси по 15 микрони е забранети, односно дека и на пазарите треба да се продаваат биоразградливите кеси.

Во Македонија има триесетина компании што произведуваат кеси и во нив има 600 вработени. Тие веќе го изразија својот револт и укажаа на опасноста дел од вработените да останат на улица. Според нивните изјави, продажбата на кеси веќе им се намалила за 50 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот