Граѓаните ќе полнат есенска, предновогодишна кошничка, ќе им остане и за лампиони, Владата ќе ги дисциплинира цените

Производи на каса во маркет / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна итн., најави премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека се подготвува есенска кошничка со производи што граѓаните најмногу ги употребуваат, но како што најави, ќе има и пролетна кошничка. Што се однесува до Законот за нефер трговски практики, тој повтори дека Владата ќе има „разбирање“ за бизнисот, доколку биде побаран одреден период за приспособување.

– Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна итн. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, односно што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно врз стандардот на граѓаните. Задоволен сум што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 проценти во однос на ланскиот август, што е навистина добар резултат и е понизок во рамки на еврозоната – посочи Мицкоски.

Претходно, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески објасни дека целта на новата намалена кошничка е да се заштити стандардот на граѓаните, а доколку Владата го прифати предлогот, ќе почне да се применува веднаш.

– Доколку се прифати мерката, би почнала да се применува наредната недела. Во есенската кошничка се предвидени намалувања на цените на прехранбените производи на основните производи што им се потребни на домаќинствата и намалување на цените на производите што ги користат најмногу во овој период – рече Ристески.

Според заменик-министерот, мерката што ќе биде предложена не е во колизија со Законот за нефер трговски практики, кој доколку почне да се применува, навреме да донесе видливи намалувања на цените на крајот на октомври или почетокот на ноември.
Законот со кој треба повеќе од 2.500 производи да имаат ограничена маржа до 10 отсто е според европски терк и од него се очекува да стави ред на пазарот. Граѓаните се скептични и предупредуваат дека се можни одредени дефицити на пазарот, доколку тој не им е по мера на трговците.

– Слушаме дека казните се високи, но и претходно се случуваа ненајавени кризи, како онаа со лебот, кога Владата ги замрзна цените. Се криеја и овошјето и зеленчукот, а одненадеж го снема и гравот од рафтовите. Инспекцијата ќе треба постојано да биде на штрек – велат граѓаните.

Во меѓувреме, регионот им објави војна на трговците профитери преку најразлични ограничувања и акции со цел намалување на цените на основните прехранбени производи. Претходната влада во земјава, во текот на изминатите две години воведе различни мерки од ограничување на маржите на производите, па сè до онаа последна мерка, која беше на сила од септември минатата, до март годинава за гарантирана цена на дел од пекарските, месните, млечните производи, но и кај дел од пијалаците.

Мицкоски: Ако им треба време на трговците, ќе им го дадеме!

Премиерот Мицкоски, сè уште не ги добил писмата од коморите во однос на Законот за нефер трговски практики.

– Од она што го слушнав, таму има своевидно разногласие меѓу трговските синџири, добавувачите и производителите. Инаку, Законот е тој. Доколку Стопанската комора побара официјално од нас како влада недела, две, три, пет, колку им се потребни за усогласување, не гледам причина зошто тоа да не се случи. Ние работиме во интерес на бизнисот, во интерес на економијата, во интересот на граѓаните и мислам дека тоа го правиме добро досега. Ќе видиме како ќе биде во иднина. Доколку е потребно усогласување што се чекало со години, сега дополнителни две, три, четири недели не гледам причина зошто да не се случи – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот