Ѓорги Какашевски од Скопје освои прво место на најголемиот „мустанг“ собир во Европа

Фото: Приватна архива

Македонскиот претставник Ѓорѓи Какашевски од Скопје, го освои првото место на најголемиот мустанг собир во Европа – „Мустанг ивент Де“ (Mustang Event De), кој се одржуваше од 14 до 16 јуни во близина на Лајпциг во Германија.

На овој голем собир на автомобили, за првпат имаше претставник од Македонија, каде што Ѓорги Какашевски, со своите два автомобила, се запиша на ранг-листата меѓу најдобрите.

Во разговор за „Слободен печат“, Какашевски ни открива за најголемиот собир на автомобили „мустанг“ во Европа, особено горд што беше дел од овој настан, од каде што се врати и со трофеј.

Фото: Приватна архива

Тој се претстави со своите два автомобила, популарниот „мустанг булит“ од 1968 година и поновиот „мустанг ГТ“ од 2009-та.

– Настанот иако беше претежно од забавен карактер, сепак е привилегија да се освои трофеј. Имаше голема шоу-програма, предавања, штандови на компании, презентација на возилата, но имаше и натпреварувачки дел во 6 категории од кои „македонските“ мустанзи го освоија првото место за Најдалечен учесник – дури 1.892 километри – раскажува Какашевски за настанот во Лајпциг.

Фото: Приватна архива

Тој вели дека годинава настанот го карактеризирал и јубилејот на „мустанг“ – 60 години постоење на американската спортска икона, која е непречена продукција дури од 1964 година и продадени повеќе од 10 милиони примероци.

– Собирот се одржа во Пулман Сити – импровизиран американски град, всушност „етно-село“ со многу американски пабови, индијански шатори, мексикански тврдини направени во стилот на Дивиот Запад – што дополнително придонесе за целосната атмосфера – објаснува Какашевски.

Фото: Приватна архива

Тој раскажа дека на настанот биле присутни возила од сите генерации на „мустанг“, како и од последната седма генерација што почна со продажба оваа година.

– Мустанзите важат и за едни од најстилизираните возила од сопствениците, па така може да се забележат најразлични модификации на ова возило – објаснува Ѓорги.

Тој вели дека особено било впечатливо воодушевувањето на посетителите што буквално уживале и се восхитувале на овој традиционален собир.

– Иако мојот „мустанг булит“ е стар 56 години, јас го одржувам во одлична возна состојба, а и двата мустанзи може често да се забележат на нашите улици или на некој од домашните настани за автомобили – вели Какашевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот