Ѓаволот дојде и по нашето

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Пандемијата ги удвои добивките на приватните клиники, а руско-украинската војна ги мотивираше трговците наместо да покажат солидарност на дело, да извезат што е можно повеќе храна од земјава. Но, ова се само последиците. Причините за ваквото однесување, треба да се бараат на друго место.

Целата оваа состојба – пандемија, па воена агресија, па загубени човечки животи и сè поголема сиромаштија, ми асоцира на онаа народна поговорка „Ѓаволот дојде по своето“. Човекот премногу ја тероризираше природата, сè повеќе окупирајќи ја, експериментирајќи со неа, апетитите му стануваа сè поголеми, желудникот сè попроширен, татковците на нацијата сè повообразени и поалчни, а национализмот сè повеќе изобличен.

Пандемијата покажа колкава е моќта дури на нешто мало милимикронско како што е вирусот и докажа колку парите и личното богатство може да бидат безвредни. Воената агресија спроведена од рускиот претседател Владимир Путин, покажа колку 20-годишното владеење и бескрајната моќ креираат апсолутисти и деспоти, кои ја кинат врската со реалноста и го вперуваат снајперот врз невини луѓе. А по сите овие многубројни лични трагедии, доаѓа онаа колективната, кога цехот го плаќаат најголем дел од луѓето преку осиромашувањето. Но, како и во секоја несреќа, така и во овие две, има и воени профитери.

Глобалниот свет и глобалното лудило, сосе ѓаволот, дојдоа и во нашиот двор. Пандемијата одзеде многу животи. Здравството ги покажа сите свои слабости. На виделина излезе недостигот од лекари, загубените години за создавање нови специјалисти поради водење некакви себични политики за финансирање на специјализациите, а корупцијатa уште еднаш покажа дека е посилна и од човечките животи преку очигледно скапите јавни набавки и во јавното здравство.

Најболното, тоа што во целата оваа состојба исплива на површината, е профитерството на приватното здравство. Секако дека приватните клиники во пандемија имаа и повеќе работа, па за очекување се и поголеми приходи, но да се наплатува болничко лекување по 12.000 евра за една недела?! Така, добивката на „Аџибадем Систина“ од 3,2 милиони евра во 2019 година скокна на 5,9 милиони евра во 2020 година, а се удвои и добивката на „Жан Митрев клиник“ од 4 милиони евра на 8 милиони евра во 2020 година. Толку за солидарноста! И толку за системот што го дозволи тоа!

Економските последици од руско-украинскиот конфликт создадоа услови една нова фела да ја стави на испит својата солидарност. Станува збор за трговците, кои испитот на солидарност не само што не го поминаа, туку покажаа колку вешто знаат да се „лактаат“ за поголем профит. За 10 дена од земјава се извезени 416 тони масло од сончоглед, 700 тони пченка, повеќе од 340 тони брашно! Министерот за економија Крешник Бектеши отворено го впери прстот во трговците тврдејќи дека пред одмрзнувањето на цените, ги испразниле рафтовите за потоа да ги извадат производите по повисоки цени. Секако, ги испразнија рафтовите и граѓани што се исплашија од одмрзнувањето на цените и од руско-украинскиот конфликт. Но, и оваа граѓанска реакција е последица на сè што се случува. И колку некои да ги осудуваат и зајадливо да коментираат дека ништо нема да спасат со 10 килограми брашно и со 5 литри масло за јадење (што е вистина), кај дел од граѓаните едноставно се активира некој примарен инстинкт за преживување. Сето тоа заедно направи низ продавниците да снемува по некој артикал – некаде брашно, некаде шеќер… И повторно, покрај можноста за креирање повисоки цени, според законот на понудата и побарувачката, се креира и нова психоза од недостиг на храна.

Како спас од цените, за колку-толку да се заштити животниот стандард на населението, Владата донесе нов пакет тежок 400 милиони евра, кој заедно со мерките за справување со финансиската криза во енергетиката чинат повеќе од 600 милиони евра. Јасно е дека ќе мора да има нови задолжувања и јасно е дека овој долг ќе биде по повисока цена, затоа што во услови кога сите бараат пари, и тоа непосредно по пандемијата, цената на капиталот ќе оди нагоре. Таа цена ќе ја платат нашите деца. А, ако продолжиме сите заедно да живееме на овој начин, дополнително ќе мора да ги платат и новите олигарси, автократи и џет-сетери. Руско-украинската војна не е случајност, за пандемијата е дискутабилно…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот