Од болницата во Куманово велат дека се почитувале протоколите при породувањето на 31-годишната жена што почина

Илустрација/фото: Pexels / Vidal Balielo Jr

Гинеколог од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје бил вклучен во породувањето на 31-годишната родилка од Куманово која почина викендов. Со него болницата имала склучено договор одобрен од Министерството за здравство. Утринава во болницата се одржа итен стручен состанок на кој раководството се обидува да спроведе интерна истрага која би му била од помош на Обвинителството. Повикан е и гинекологот од ГАК за да даде свое видување на настанот.

Директорот на болницата доктор Стефан Трајановски за „Слободен печат“ вели дека како раководител е најфокусиран на тоа дали се почитувале протоколите при породувањето.

– Можам да ви кажам дека генерално протоколите се запазени и тоа го утврдивме на стручниот состанок. Како раководител најмногу ме интересира тоа. Постапувано е и по наредба на обвинител. Извршен е детален информативен разговор  – изјави за „Слободен печат“ директорот, доктор Трајановски.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека е издадена наредба да се направи обдукција за утврдување на причините на смртта на 31-годишната жена и обезбедена е севкупната документација за случајот. Обдукцијата се изведува во Скопје.

– Дополнително, ако се појави потреба, ќе следува уште едно вештачење за утврдување на евентуална причинско-последична поврзаност меѓу породувањето и смртта – додаваат од ОЈО.

Бебето кое имало ниски оценки при породувањето во придружба на неонатолог е пренесено на Клиниката за детски болести и е приклучено на респираторна машина. Стартот на неговиот живот бил лош, уште веднаш било без знаци на дишење, но потоа било успешно реанимирано. Извори од Клиниката за „Слободен печат“ велат дека имало асфиксија при породувањето. На Клиниката за детски болести успеале да го стабилизираат бебето, но директорот доктор Реџеп Мемеди вели дека е рано да се прогнозира за идниот исход.

Родилката била во деветтиот месец од бременоста и освен гестациски дијабетес, немала никакви проблеми и бременоста ѝ била контролирана. Ова ѝ била втора бременост. Кога ја примиле во болницата била со прснат воденик, после што се чекало да се добијат спонтани контракции и породувањето да се изведе по природен пат. Но, тоа не се случило и почнати биле стимулации. Одеднаш престанала срцевата работа кај родилката, немала притисок. Викнат бил анестезиолог за реанимација, но без резултати. Потоа била однесена во операциона сала за да се извади плодот.

Причината за смртта на младата жена се очекува да ја покаже обдукцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот