Ги пречекоруваат ли дипломатите своите овластувања во земјава?

Луѓе во одела / Фото Илустрација: Albert Yuralaits / Alamy / Alamy / Profimedia

Прашањата дали и колку дипломатите ги пречекоруваат своите овластувања во Македонија одново се реактуализираа во домашната јавност откако . Овие дилеми се наметна деновиве откако премиерот Христијан Мицкоски, по јасната порака на амбасадорите на ЕУ и САД во Северна Македонија, Дејвид Гир и Анџела Агелер дека распуштањето на судскиот и обвинителскиот совет ќе претставува директно мешање во независноста на судската власт и ќе предизвика сериозна загриженост, оцени дека „станало пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата“.

Ваквата порака на Мицкоски, според домашната стручна јавност претставува употреба на несоодветна терминологија на премиерот во односите со странските дипломати.

Во сублимиран заклучок стручната јавност со која се консултираше „Слободен печат“ е со став дека во одредени случаи во минатото дипломатите ги пречекорувале границата и овластувањата што ги носи нивниот статус во земјата, па се случувало и честопати да има и реакции од МНР. Според експертите, имајќи предвид дека ние сме земја членка на НАТО и аспирант на ЕУ мораме да имаме разбирање и слух за она што ни се кажува однадвор во однос на реформите кога станува збор нашата евроинтеграција.

Проф. д-р Горан Рафајловски, поранешен македонски амбасадор во Германија и актуелен професор на Универзитетот за применети науки во Берлин за „Слободен печат“ вели дека терминологијата употребена од домашните политичари дека странските амбасадори со нивните совети за реформите дома се мешаат во внатрешните работи во државата е по малку груба.

Горан Рафајловски, поранешен македонски амбасадор во Германија / Фото: Принтскрин

– Не станува збор за пречекорување на границата и овластувањата што ги носи нивниот статус во земјата. Напротив, темата е многу сложена и не можеме едноставно да понудиме решение или некаков политички став кој ќе важи од сега па понатаму за оваа проблематика. Премиерот Мицкоски се обидува да балансира помеѓу дипломатите и извршната функција која тој ја извршува. Но, ако кажеме дека дипломатите се мешаат во внатрешните работи на една земја е многу груба терминологија. Ние како млада демократија која зрее на својот пат до ЕУ и европските вредности мораме и треба да бидеме приклонети кон надворешната добронамерна критика. Во таа смисла, и во тој процес на зреење кон ЕУ повеќе од јасно е дека ќе имаме пречки кои ќе треба да ги решаваме во името на демократијата, слободата и итн. – објаснува долгогодишниот дипломат Рафајловски.

Тој додава дека ние како држава имаме објективни и субјективни потешкотии. И тоа „мешање“ можеме да го смениме со препораки или совети на дипломатите. Според Рафајловски, пораките на амбасадорите се кажани во смисла на нашата демократија и општество да јакнат на патот кон ЕУ и што побрзо да ги достигнат европските вредности.

– Тоа мешање е подобро да се каже дека е препорака во смисла на пријателски совет и поткрепа за подобро да одиме на тој пат. Секако, ние имаме национално достоинство и гордост и тоа е сè убаво. Но, во исто време треба да покажеме и одредена доза на толерантност и да сослушаме и почекаме што ни се кажува па до некаде тоа и да се прифати – заклучува поранешниот амбасадор Рафајловски.

Со сличен став е и поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин. Тој вели дека кога зборуваат странските амбасадори во домашната јавност тие не зборуваат во свое лично име, туку ја пренесуваат позицијата на нивната држава. Во случајот со американската амбасадорка Агелер и нејзините совети за судството, како што појаснува Ружин, тоа се пораките на американскиот Стејт департмент, а не на Агелер.

Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО / Утрински брифинг

 

Ружин додава дека во нашата досегашна политичка еволуција земјава имала голем број критики од нашите партнери како САД и ЕУ, почнувајќи од воспоставување на превентивната дипломатија во 90-тите, преку интервенција на странските институции во решавањето на конфликтот од 2001 год., Пржинскиот договор, препораките на Прибе и итн.

– Како земја која има амбиции да стане членка на ЕУ, во тие процеси државата повеќе од јасно е дека губи дел од суверенитетот со отстапување и приспособување на законите со Брисел односно со Унијата. Со Договорот за стратешка соработка со САД и пристапувањето кон ЕУ повеќе од логично е дека ќе се укажува од надвор на одредени слабости во домашниот систем. Многу ретко странските амбасадори во земјава излегуваат да критикуваат, напротив тие само ги повторуваат ставовите кои се веќе познати за одредена област во земјава – вели Ружин.

Тој дообјаснува дека странските амбасадори во Скопје во нивниот мандат се однесуваат главно според она што им се пропишува во Виенската конвенцијата за дипломатски односи, но има и такви кои отворено посочуваат за домашните проблеми, но, според Ружин, на таквите забелешки не треба да се гледа како мешање во внатрешните работи на Северна Македонија.

Домашната стручна јавност е со заклучок дека за ваквите состојби до некаде се виновни и претставниците на домашниот политички естаблишмент, кој низ годините дозволил ова дејствување на амбасадорите да стане секојдневие и тие во земјата да имаат одлучувачка улога во политиката, наместо да се трансмитери на ставовите на своите матични земји.

Од Министерството за правда со умерени ноти

Во меѓувреме од министерот за правда Игор Филков ги поздравува изјавите на евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на САД, Анџела Агелер изнесени во однос на статусот и функционирањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и очекува да се интензивира соработката во периодот кој претстои“.

Како што информираше ресорното министерство веќе се финализира нацрт верзија на законот за судски совет кој експертската група го подготвувало повеќе месеци. Текстот ќе биде прикачен на ЕНЕР за сите заинтересирани да можат да дадат забелешки и коментари. По ова, министерот планира да отвори широка и јавна  дебата во која ќе бидат слушнати мислењата на експертската јавноста со цел да се дојде до најдобро заедничко прифатливо решение. Текстот на законот ќе биде доставен и на мислење на Европската комисија и Венецијанската комисија, информираа од Правда.

Инаку евроамбасадорот Гир изјави дека распуштање на Судскиот и обвинителскиот совет е мешање во независноста на судскиот систем и тоа ќе предизвика сериозна загриженост. Несогласување изрази и со владината идеја за поделба на Академијата за судии и јавни обвинители. Ѝпорачува на власта материјал за реформи да бара во извештаите на Европската комисија, на Оценската мисија на ЕУ и од скрининг процесот. Амбасадорката на САД, Агелер исто така порача Судскиот совет да ги следи препораките на Оценската мисија и да даде отпор на политичките притисоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот