Георгиевски: Клубовите од Првата кошаркарска лига мажи ќе бидат целосно ослободени од котизацијата за учество

фото: kfsm.mk

Македонската кошаркарска федерација организираше прес-конференција поврзана со актуелниот момент на работењето, и ситуацијата во македонската клупска и репрезентативна кошарка.

На средбата со претставниците на „седмата сила“ беа присутни раководните луѓе на КФСМ, претседателот Перо Антиќ, генералниот секретар Владимир Георгиевски, спортскиот директор Марјан Србиноски, и тим -менаџерот на сениорската репрезентација, Ѓорѓи Чековски.

На почетокот на прес конференцијата, на присутните новинари им се обрати претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ.

Им се заблагодари на присутните на конференцијата, и најави:

„Сакавме ова да биде своевиден тет а тет разговор со вас, да презентираме што сė работи федерацијата и што ќе се работи во иднина. Едно ветување, ќе гледам да имаме што е можно повеќе вакви средби за да нема повеќе недоразбирања и лажни и анонимни приказни во јавноста“.

Што се работи федерацијата и што се ќе работи во иднина, свои видувања искажа и генералниот секретар Владимир Георгиевски.

„Ја закажавме оваа прес-конференција за да позборуваме за некои работи кои беа на дневен ред на работата на раководството на Федерацијата во изминатиот период.

фото: kfsm.mk

Последната точка од нашата предвидена програма за работа, беше наоѓање на спонзор, партнер, за првата лига мажи кој ќе им помогне на клубовите во реализацијата на активностите за натпреварувањето, без разлика дали тука станува збор за домашното првенство или за некое меѓународно натпреварување. Последен пат Федерацијата имала спонзор за Првата лига мажи пред 14 години.

Партнер најдовме во МТЕЛ, верувам на сите ви е познат. Станува збор за компанија чија примарна цел се телекомуникациите, но поддршката за врвен спорт не изостанува. Во минатото МТЕЛ помагал на многу македонски клубови и спортисти, меѓу кои и нашите два најтрофејни клубови МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.

Со поддршката од МТЕЛ за претстојната натпреварувачка сезона односно 2024/2025 клубовите од Првата лига мажи ќе бидат целосно ослободени од котизацијата за учество.

Кога го преземавме раководството, котизацијата беше 10.000 евра. Ние одлучивме да ја намалиме на 8.000 евра, а сега најдовме и спонзор кој ќе ја преземе и таа обврска за клубовите. Соработката е потпишана на една година, но се надеваме дека со взаемен успех ќе биде продолжена.

Веќе некое време работиме и на случајот на најдеме и партнер за соработка за Првата лига жени, за да ги подобриме условите и во женската конкуренција.

Дека се подобрени условите за натпреварување и на репрезентативен план говорат бројните успеси на младинските репрезентации. Во изминатите неколку години машките младински репрезентации успеаја да изборат или опстанок или пласман во А дивизија. Оваа година бевме сведоци како нашата јуниорска машка репрезентација го освои златото на едно од првенствата организирани во Скопје. Минатата година младинската машка селекција до 20 години го освои второто место и пласман во А дивизија.

Генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски се осврна на уште еден битен момент:

„Основен услов за работа на нашите репрезентативци е добра и квалитетна сала, два епитети кои постојано се споменуваат кога станува збор за салата на Федерацијата.

СРЦ „Кале“ ја направивме дом на сите репрезентации, и младински и сениорски. Сениорите и сениорките во овој ноември ќе ги одиграат своите натпревари од квалификациите за Евробаскет 2025 токму во Кале.

Од 2021 година до ден денес, Кале е домаќин на сите меѓународни натпреварувања односно Европски првенства кои ги организира Федерацијата. Денеска стигна и потврда од ФИБА, по успешните работни посети на Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, и Генералниот Секретар на ФИБА Андреас Заглис, дека благодарение на успешната организација на најголем број на младински првенства во последните години, ќе добиеме донација на терен за игра, паркет, кој за неколку седмици ќе биде инсталиран токму во СРЦ „Кале“. Со тоа речиси се комплетира замислата за комплетна обнова на СРЦ Кале како спортска сала во која сите кошаркари и кошаркарки ќе ги имаат сите услови потребни за работа.

Досега беа обновени и кошевите за игра, семафорот, соблекувалните и трибините. А потврда за тоа дојде во текот на денешниот ден, кога до канцеларијата на федерацијата пристигна писмо од ФИБА дека добиваме специјален терен за игра од страна на светската кошаркарска федерација.

Неизбежен дел од нашата секојдневна работа се и проектите за развој на млади таленти на кои безрезервно се работи. Проектот her world her world пред неколку седмици ја започна својата петта сезона. Станува збор за проект кој се фокусира исклучиво на развојот на женската кошарка и охрабрување на младите и талентирани кошаркарки да се бават со кошарка. Тука е и проектот „Заедно до М16“ кој е главниот ‘виновник’ за успехот на младинските репрезентации. Тој е проект за развој на млади кошаркари и кошаркарки кој ги поставува основите за национален тим. Веќее е започнат „Alley oop“ проект за минибаскет лига за млади кошаркари од 8-12 години. А во исто време планираме да формираме и мини баскет лига за деца на осум годишна возраст

Покрај овие два проекти, во тек е имплементацијата и на проектот за програма на развој на млади репрезентативци на кондицискиот тренер Александар Кукриќ кој, меѓу другото, во своето богато резиме има и ставка која вели работа со националниот А-тим на Македонија.

Со поставување на темелите за работа и со малку трпение од сите вклучени ќе продолжиме да нижеме успеси. Како што веќе кажав и претходно – Сите учиме, и од околностите и од условите, онаму каде што сме имале успеси, ќе продолжиме во таа насока. А некаде каде што нешто недостасувало во однос на работата, ќе пробаме тоа да го искорегираме и да го направиме тоа подобро, да биде онака како што треба, заеднички со вас, дали работите биле за пофалба или за критики. Да фатиме еден редослед на работите“ – дополни Георгиевски пред присутните претставници на медиумите.

ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊА ОД НОВИНАРИТЕ, ПРИСУТНИ НА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈАТА

Најави за свикување на Вонредно Собрание од страна на т.н. „Иницијативен одбор за промени во федерацијата“ ?

Претседателот Перо Антиќ одговори на поставено прашање од страна на новинар, присутен на настанот:

„Свесни сме за тие шпекулации, запознати сме како оди тој процес, добивме информации од одредени клубови под притисок, ни кажуваат, од кој, како, но одиме пополека, ќе видиме како ќе се одвива процесот. Можам само да кажам дека нема клуб на кој не сме му помогнале од младинските па се до клубови од Првата лига. Работиме за убаво, и за доброто на македонската кошарка, и ќе продолжиме исто така“.

Генералниот секретар на федерацијата, Владимир Георгиевски, го дополни следното:

„Досега нема официјален документ доставен до федерацијата, некако се е на база на разговори, има разно-разни зборувања. Не е проблем, можеме да се соочиме со програмите и со визиите на оние кои сметаат дека се подобри од нас, ако излезат со факти, каде се грешките, што не е направено. Но досега индиректни странични објави, било каква иницијатива, нема поднесено. Лошо и илузорно е да дискутираме за нешто што не се случило. Ако нешто се промени, тука сме, ќе видиме“.

Финансиско работење на КФСМ?

„Ќе бидеме и понатака отворени, тоа е принцип на работење на ова раководство на федерацијата.

Ние сме една од ретките федерации кои завршните јасно ја прикажуваме, направени од овластена книговодствена компанија, одобрена од УО на КФСМ, потоа дадени на аналзиа во некогашната Агенција за спор ти млади, средства што и каде се потрошени, каде ја проценуваат состојбата, и даваат оценка, извештај дека се е во ред во однос на одобрени средства. Тиа даваат забелешки и ни укажуваат. А во овие пет години сето тоа било максимално транспарентно.

Размислуваме за ангажирање и на надворешна ревизорска куќа, и да кажам дека ние и годинава комлетно ја „покриваме“ таа финансиска страна, од јануари немавме добиено средства, дури премијата за кошаркарите беше исплатена пред некој ден, и некои минимални средства, и ветување дека наскоро следува реализација на другите (ваучери и слично)“- објасни Георгиевски

Ситуација со изјавите од страна на селекторот на машката селекција „Под 18“, Горан Андреевски?

„Целокупната ситуација, наша страна на видувањето. Не навлегуваме за желбите и мотивите на селекторот по најголемиот успех. Ме чуди еден дел од изјавата, две работи, тој е селектор поставен од наша федерација, директно од раководна структура од федерацијата.

Кој е тој што не го сака, а го поставува за селектор, а во исто време всушност му била и прва шанса да биде селектор. Целокупната програма, пријателски натпревари, по барање на селекторот, беше комплетно овозможена и реализирана од страна на федерацијата.

На крајот на краиштата, треба да се знае дека ние сме само „сервис“ на ФИБА“- заклучи Георгиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот