Генеза на една искомплексирана политика

Марин Гавриловски

Колку „држи“ тезата дека наводно тие биле нашите постари браќа и дека сме биле „еден народ во две држави“? Дали вие би го оставиле сопствениот брат надвор на дожд, ветер и снег, пред куќата во која живеете и каде е топло и удобно, како што тоа го прави Бугарија, оставајќи нè да чекаме на прагот на заедничкиот европски дом? Дали така треба да се однесува еден постар брат (Бугарите) па дури иако помладиот брат (ние) е малку немирен и непослушен?

Од каде толку голема омраза од страна на бугарската држава, општество, политичари и граѓани кон Македонија и Македонците? Омраза што преминува во хистерија, па се споменуваа тенкови што ќе влегуваат во Скопје (Каракачанов) или, пак, се бара смена на министри во македонската Влада (Борисов) од оние што не се способни неколку години и самите да формираат политичка влада.
Колку „држи“ тезата дека наводно тие биле нашите постари браќа и дека сме биле „еден народ во две држави“? Дали вие би го оставиле сопствениот брат надвор на дожд, ветер и снег, пред куќата во која живеете и каде е топло и удобно, како што тоа го прави Бугарија, оставајќи нè да чекаме на прагот на заедничкиот европски дом? Дали така треба да се однесува еден постар брат (Бугарите) па дури иако помладиот брат (ние) е малку немирен и непослушен?
Причината за ваквото однесување треба да се бара во длабоката фрустрација предизвикана од нивната историја. Имено, Бугарите, досега, секогаш биле на погрешната страна на историјата. За време на Првата светска војна биле на страната на Централните сили, кои ја загубиле војната. За време на Втората светска војна биле дел од Хитлеровиот Троен пакт и исто така биле поразени. Бугарите во својата понова историја речиси и да немаат добиено битка. Територијалните придобивки од Првата балканска војна ги изгубиле во Втората, а единствената битка што ја добиле е Дојранската во 1917 година, за време на Првата светска војна, кога ги поразиле Британците во близина на Дојранското Езеро. Една година подоцна со пробивот на силите на Антантата на Македонскиот фронт тие ги губат позициите кај Дојран и се приморани да се повлекуваат кон Бугарија, но сепак битката од 1917 година се смета за нивна победа.
Тие не се заслужни дури ни за сопственото ослободување од Турците. Да не биле Русите што ја поразиле Отоманската Империја во Руско-турската војна од 1877-1878 година, нашиот источен сосед можеби сè уште ќе беше Булгаристан – вилает во склоп на Турција. Дури и местото каде што се одржуваат свеченостите по повод бугарскиот национален празник е врвот Шипка, местото каде што се одржала т.н. Шипчанската битка од август 1877 година, битка што се водела помеѓу турската и руската војска во чиј состав покрај единиците на Руската армија (Триесет и петтиот пешадиски брјански полк и Триесет и шестиот пешадиски орловски полк) учествувале и бугарски доброволци од т.н. Блгарско ополчение под команда на рускиот генерал Николај Столетов. Па и најголемото виртуелно достигнување на бугарската држава т.н. Санстефанска Бугарија (вештачка творба која никогаш на ја здогледала светлината на денот) не е заслуга на Бугарите, туку на Русите. Прогласот со кој на 22 септември 1908 година на Бугарите им се соопштува дека тие станале независна држава почнува со зборовите: „По волјата на незаборавениот Цар ослободител (се мисли на рускиот цар Александар Втори), големиот братски Руски народ…“.
Љубовта со „мајка“ Русија продолжува и по Втората светска војна кога поразената Бугарија паѓа во железната советска прегратка чиишто модринки сè уште се чувствуваат на остареното бугарско национално ткиво, 30 години по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Варшавскиот пакт. За време на „братската дружба“, Народна Републикa Бугарија, под раководство на диктаторот Тодор Живков, беспоговорно ги слуша наредбите на Москва. Нејзиното вазалско „удоволување“ на потребите на СССР нема граници, Бугарија ги врши највалканите работи за Кремљ. Позната е улогата на Бугарската тајна служба при организирањето и спроведувањето на неуспешниот атентатот врз папата Јован Павле Втори на плоштадот пред базиликата Св. Петар во Рим на 13 мај 1981 година. Кога веќе беше јасно дека комунистичкиот блок ја губи Студената војна со подобро организираниот и побогат Запад и кога во другите земји од источната страна на железната завеса почнуваа да дуваат „ветриштата на промените“, бугарските вазали до крај ѝ останаа верни на Москва.
Во тоа време Бугарите живееја во исклучително скромни и скудни услови, имаа недостиг на сè и сешто, а пред продавниците во кои имаше само по неколку артикли, се создаваше долга редица наречена „опашка“ во која Бугарите послушно и мирно чекаа да го добијат своето скромно следување. Познат е фактот од тоа време, дека доколку тие виделе некоја „опашка“, застанувале на неа дури не знаејќи ни што се чека, доволно им било тоа што знаеле дека на крајот ќе добијат нешто, тоа секако ним ќе им било потребно. На улиците се возеа источногерманските „трабанти“ (возила што изгледаа како играчки), а невиден луксуз беа автомобилите „лада“ или „москвич“ и нив можеа да си ги дозволат само високите функционери на Бугарската комунистичка партија. Немаа гуми за џвакање, т.н. д‘фки.
За да излезат од другата страна на железната завеса, Бугарите мораа многу добро да се потрудат. Пасошите (наречени на бугарски: задграничен пашапорт) беа прав раритет и нив можеа да ги добијат само оние што ќе успееја да ги поминат строгите контроли на тајната полиција и доколку се беспрекорни комунисти, вредни работници и послушници на власта ќе беа наградени со овие привремените документи кои имаа важност само онолку дена колку што траеше патувањето. За секој случај, тие мораа да остават некој член од семејството (сопруг, сопруга или дете) дома, како залог дека сигурно ќе се вратат назад. Бугарските семејства во тоа време не можеа да патуваат заедно во странство.
За тоа време, од другата страна на границата, граѓаните на Македонија ги уживаа сите благодати на „социјализмот со човечки лик“ кој се градеше во тогашната Југословенска Федерација. Со црвениот југословенски пасош можеше да се патува насекаде во светот, а продавниците беа полни со домашни, но и со странски производи, на одмор се одеше на Јадранското или на Егејското Море, а платите беа доволни за нормален живот. Патувањето во Бугарија или, пак, во некоја друга земја од источниот блок беше право задоволство. Југословенските динари не можеа да се потрошат колку и да се трудеше некој да ги потроши, инфлацијата ги јадеше источноевропските валути па со малку југословенски динари можеа да се купат илјадници левови или злоти што поради скудната понуда остануваа непотрошени во нашите џебови. Со неколку пара фармерки и кутивчиња со гуми за џвакање можеше да се помине еден убав, луксузен одмор на Златните песоци, а со „две червени“ (двесте југословенски динари) можеше да се купи „љубов“.
Користејќи ја поволната политичка клима по падот на комунизмот, но и поради стравот од руското влијание, членките на ЕУ одлучуваат и покрај тоа што Романија и Бугарија не ги исполнуваат критериумите за влез во ЕУ, сепак да бидат примени во оваа организација. Непосредно пред тоа тие стануваат и членки на НАТО. И тогаш Бугарија, за првпат застанува на вистинската страна на историјата, но во својата меморија зачувувајќи ги фрустрациите и комплексите од минатото. Тие лузни од минатото сега го формираат карактерот на бугарската држава и општество и се манифестираат токму со омразата која тие ја имаат кон нас, мислејќи дека ако сега нас не кочат во евроинтеграцискиот процес ќе нè казнат за времето поминато во СФРЈ.
Ете затоа политиката на Бугарија кон Македонија не е ниту пријателска ниту добрососедска, ниту искрена, а најмалку братска. Очекувам во иднина екстремистичката реторика, но и преземените дејствија од страна на „правителството“ во Софија да се заострат и процесот на наше интегрирање во ЕУ целосно да го стават на спореден колосек. Прифаќањето на уставните измени со вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде само првото од стотиците барања упатени кон Македонија кои ќе нѐ чекаат на и онака веќе трнливиот пат кон ЕУ. Вазалната поставеност на бугарскиот мајндсет ќе дојде до израз и во овие процеси. Како што Софија беше нем послушник на Москва, така таа сега е послушник на Западот. Како поинаку може да се протолкува вмешаноста на, меѓу други, и фирми од Бугарија во т.н. Пејџерска афера и неверојатната акција на израелската тајна служба во Либан, насочена против терористите на Хезболах. Тие повторно се тука да ги сработат истите валкани работи кои ги работеле во минатото, само што сега имаат нов стопан што за возврат на нивната сервилна послушност, ќе има разбирање за фрустрациите и за комплексите што ги лечат преку грбот на Македонија и на Македонците. Но, македонскиот народ и во минатото преживувал тортури предизвикани од бугарската омраза, па ќе ги преживее и овие.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот