Гаши би одел в затвор само за да спаси еден човечки живот, но бранителите не се од општ интерес за државата

Гаши Брифинг/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Ако станува збор за човечки живот, не ми е проблем да одам в затвор зашто сум го прекршил Деловникот, ама сум спасил човечки живот. Немојте да имате дилеми кога станува збор за општиот интерес на државата. Секогаш кога ќе треба да се брани општиот интерес, интересот на граѓаните, ќе постапувам според Уставот, рече Африм Гаши, кој и натаму не го става Предлог-законот за бранителите на комисиска расправа.

Претседателот на Собранието Африм Гаши следната недела ќе ја свика Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, но не затоа што тоа го побара потпретседателот на Собранието Јован Митрески, туку затоа што спикерот „така планирал“.
Митрески побара деловничката комисија да расчисти дали е прекршен Деловникот, затоа што претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даури не го стави Предлог-законот за бранителите на комисиска расправа и дека Гаши не закажа седница на тоа работно тело.

СДСМ не се откажува од законот за бранителите, упати писмо до претседателот на Собранието

– Според Деловникот, претседателот на Собранието може да свика по барање на потпретседателот на Собранието, избран од опозицијата, тоа е по член 126 став 4, но знаете дека јас најавив дека за колизија помеѓу членови од Деловникот, секогаш кога ќе се појават такви ситуации, ќе ја свикам Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, на која ќе побарам и експертски ставови за да донесеме поквалитетни заклучоци со кои ќе се служи актуелниот состав, но во иднина и другите собраниски состави – рече Гаши на брифинг со новинарите.

Гаши не е судија за да суди

Оттука, на комисиската расправа нема да се расправа само за Предлог-законот за бранителите, туку и за неспоивоста на функцијата премиер и пратеник и за други точки. Собранискиот спикер остана на ставот дека со тоа што Даути ја свикала Комисијата, нему му било оневозможено правото да интервенира. Тој не одговори и не го покажа решението дека Даути ја свикала седницата со Предлог-законот за бранителите, зашто седница на Комисија со таква точка на дневен ред Даути никогаш не закажа, иако тој претходно упатил допис до претседателката на Комисијата, со кој ја задолжува да свика седница за бранителите.

– Јас се изјаснив дека мене ми е одземена можноста да свикам седница кога таа веќе е свикана, а точката за бранителите не е ставена. Јас не можам да натерам претседател на комисија да свика точка на дневен ред. Тоа останува во доменот на Комисијата за социјална политика – рече претседателот на Собранието.

Тој рече и дека не е судија за да суди дали Даути го прекршила Деловникот.

– Како претседател на Собранието сум обврзан да го применувам Деловникот, но не сум тој што суди дали некој прекршил или не, тоа е простор за интерпретација на различни политички и правни аспекти. Секој што го гледа тоа, може да оцени, мислам дека за тоа не можам јас да судам – рече Гаши.

Претседателот на Собранието негира дека политичка одлука е законот за бранителите да не се донесе. Вели дека политички дејствувала Даути, а тој само го почитува Уставот и Деловникот, иако пратеникот од Вреди, Халил Снопче, во телевизиско гостување рече дека „едната гаранција е гаранцијата на претседателот на Собранието Африм Гаши дека законот за бранителите нема да помине. Во ред! Тој има гаранции и секако свои методи, направил свои анализи“.

На прашање, ако ни се заканува смртоносна епидемија, дали и тогаш нема да реагира ако претседател на комисија за здравство одбива да закаже седница со таква точка на дневен ред,
Гаши вели дека ако станува збор и за еден загрозен човечки живот, тој веднаш ќе реагира.

– Хипотетички, јас лично како човек се однесувам под одредени принципи, кои никогаш не би ги прекршил. Ако станува збор за човечки живот, не ми е проблем да одам в затвор зашто сум го прекршил Деловникот, ама сум спасил човечки живот. Немојте да имате дилеми кога станува збор за општиот интерес на државата. Секогаш кога ќе треба да се брани општиот интерес, интересот на граѓаните, ќе постапувам според Уставот. Кога гледам каде е главниот интерес, но не сакам да бидам алатка во ничии раце за дневна политика – рече собранискиот спикер.

Според ова, произлегува дека за Гаши бранителите не се од општ интерес за државата.

 Меџити: Не грижете се, законот нема да помине

Првиот вицепремиер Изет Меџити и вчера повтори дека нема потреба за загриженост, затоа што законот за бранителите нема да помине, затоа што Владата има најстабилно мнозинство од 78 пратеници и капацитет да ги решава сите прашања.

– Прашањето и дилемата е како СДСМ, партнерот на ДУИ, кој осум години го промовираше граѓанскиот концепт врз основа на кој добиваше и албански гласови, а има и високи албански функционери во своите редови, преку ноќ од граѓански концепт предлага закон за бранители преку поранешната министерка за одбрана Славјанка. Дилемата е дали не беа искрени кога промовираа граѓански концепт или преку ноќ станаа националисти и предлагаат ваков закон, но не им е грижа ниту за бранителите ниту за УЧК, туку им е грижа како да се спасат од одговорноста. Но, нема потреба од загриженост, бидејќи тој закон нема да помине во Собранието затоа што оваа Влада историски има најстабилно мнозинство од 78 пратеници и капацитет да ги решава сите прашања – рече Меџити.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче не откри кои ќе бидат следните чекори, ако на Комисијата што ја побараа не се отвори прашањето за бранителите.

– Засега ги исцрпуваме сите механизми што ги нуди Деловникот за тој закон да стаса на расправа во Комисијата. Ќе видиме што ќе се случи, па ќе ги градиме следните чекори. Комисии не може да се свикуваат по сопствено убедување, се знае кои се точките на дневен ред – рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот