ГАЛЕРИЈА | Се судрија жителите на Расадник, едни сакаат згради, други зеленило

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Жителите на Расадник во Кисела Вода денеска излегоа на протест против како што велат „бетонизација на Расадник”.

Тие бараат изготвување на нов ДУП кој ќе биде донесен на меѓународен конкурс, а кој наместо сто нови згради ќе содржи спортски, забавни содржини и зеленило.

-Бараме нов ДУП кој ќе биде донесен на меѓународен конкурс, а граѓаните да избираат меѓу трите најдобри решенија на референдум. Бараме ДУП кој ќе овозможи цивилизиран и културен развој и живот за идните генерации. Бараме парк, зеленило, спортски и забавни содржини, велосипедски патеки, градинки и училишта и се друго што ќе придонесе за унапредување на животот во кисела Вода“, велат од Иницијативата „За Расадник на можности за хуман живот во Кисела Вода“.

Лазе Трипков од Иницијативата за Слободен печат вели дека е разочарувачки фактот што во новиот ДУП зголемена е катноста на објектите кои треба да се градат.

– Сакаме да се слушне нашиот глас, ние сме против изградба на нови 99 згради во Расадник.ДУП-от ја надминува предвидената станбена површина на ГУП-от за над 300.000 квадратни метри. Со изградбата на зградите ќе се зголеми бројот на жители, а драстично ќе се намали провевов кој доаѓа од Водно, и помага во расчостување на воздухот во најзагадените месеци, вели Трипков.

Истовремено се случи и контрапротест во организација на сопствениците на парцели во Расадник, кои земјиштето го добиле со денационализација. Ванчо Насков, еден од сопствениците на парцели вели дека не сакаат ништо повеќе освен реализација на ДУПот во кој се предвидува изградбата на 99-те згради.

– Ова е наша земја, ние сме тука со поколенија. За имотот плаќаме данок и затоа сакаме да се изгради. На моето земјиште е предвидено да се изградат згради, но јас имам отстапено простор и за пат и за зеленило. Но сакам да се изградат згради за да обезбедам нешто и за моите поколенија, вели Насков.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски вели дека ги разгледале сите анкетни листови кои биле доставени од страна на граѓаните во текот на јавната анкета, но дека дел од барањата на дел од Иницијативниот одбор се веќе вклучени во ДУП-от.

– Имаме предвидено катна и подземна гаража со поголем капацитет од постоечките, за разлика од минатите ДУП-ови, со оновиот ДУП не се дозволува каскадно паркирање. По однос на бројот на згради, зборуваме за огромен опфат кој може да ја издржи таа бројка на згради, а повисоки се затоа што сметавме дека треба да се намалат во основата, односно да се даде поголема висина и да не се изгуби од бруто површината, односно да се добие повеќе слободен простор. На државното земјиште во Расадник ќе се изгради градинка, поликлиника, основни училишта. Така што овој план не предвидува само изградба на згради туку многу повеќе работи кои и се потребни на општината. Што се однесува на зголемениот број на жители, тој е предвиден со ГУП-от вели Темелковски.

 

Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот