ГАЛЕРИЈА| Градот и ветерот набрзина ги обраа нивите

Невреме во кривопаланечкото село Добровница Фото: Фејсбук/Млаѓан Ѓорѓиевски

Се случувало и порано да има град, но никогаш како сега ваков сув, велат земјоделците чии ниви останаа срамнети со земја. Тие ги бараат старите градобијни ракети и да излезат на терен државните проценители на штета

Три месеци работно турбо, со пот, на крај сè е обрано за 30 минути. Срамнети се 20 декари малина, виламед и полана, 5 декара компири, 1,5 декара грав, 1 декар зелка рана, 0,5 декари кромид. 0,5 декари лук…

Ова е објавата на Млаѓан Ѓорѓиевски од кривопаланечкото село Добровница, една од многубројните објави што земјоделците ги споделуваат по невремињата што секојдневно се случуваат и ги уништуваат земјоделските површини. Тие споделуваат многубројни фотографии и видеа на кои се гледа пустошот што ги оставиле градот и ветрот.

„Слободен печат“ разговараше со Ѓорѓиевски, кој ни рече дека земјоделието е нивен семеен бизнис, а невремето им уништило сè што работеле сезонава.

– Сите ние, цело семејство сме индивидуални земјоделци. Очекуваме да добиеме некаква отштета, но на терен никој не доаѓа. Не само што нивите ни се уништени, туку сме потполно отсечени од другите, затоа што патот е целосно однесен. Се случувало и порано да има град, но никогаш како сега, ваков сув. Денеска требаше да имам испорака на малини, но останаа згмечени на нивите – вели Ѓорѓиевски со чија дозвола ги објавуваме фотографиите што ги сподели на Фејсбук:

 

 

 

Невремето му нанесе штети и на тутунот, земјоделците од Полог тврдат дека насадите со домати, зелка, краставици, пченка и други житарици им се 100 процентно уништени. Земјоделците споделуваат и буквално издупчени лубеници, во кои има огромни заледени парчиња од градот што врнел…

Во 2022 година, преку Единствениот национален регистар на прописи, јавноста беше запознаена со закон за задолжително земјоделско осигурување, но тој никако да види бел ден.

Според законот, требаше да се основа Земјоделски осигурителен пул, кој според најавите требаше да почне со работа во 2024 година. Во првите две-три години, благодарение на европските проекти за справување со климатските промени, земјоделците требаше да имаат бесплатно осигурување.

Законот за задолжително земјоделско осигурување предвидува земјоделците задолжително да платат најмалку 20 отсто од премијата за осигурување, а 20 проценти да им плати државата, додека за останатите 60 проценти останува волјата на земјоделците.

– Ќе се намалат значајно тарифите поради дисперзија на ризикот, затоа што тогаш нема да бидат осигурени само 2.800 земјоделци – изјавија од Министерството за земјоделство.

Повеќе од една деценија државата го субвенционира земјоделското во висина од 60 проценти на полисите за осигурување во земјоделството. Земјоделците често изразуваат незадоволство од отштетите и реагираат дека полисите се многу високи. Од друга страна, државата врши обесштетување во случај на непогода, така што дополнително се демотивираат земјоделците да се осигурат. Но, според наши сознанија, владината комисија за процена на штети, најчесто обесштетува 10 до 30 проценти од настанатата штета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот