ФОТОГАЛЕРИЈА | Заедничка меѓувладина седница на македонската и унгарската влада

Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Во Охрид, во хотелот „Инекс Олгица“ во моментов се одржува заедничката меѓувладина седница на македонската и унгарската влада. Претходно, премиерот Христијан Мицкоски имаше тет-а-тет средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој синоќа пристигна во Охрид.

Бројната унгарска делегација што синоќа допатува во Охрид е составена од десеттина министри од Кабинетот на Орбан.

По заедничката меѓувладина седница најавена е прес-конференција на двајцата премиери.

Мицкоски – Орбан: Денешната средба го потврдува нашето стратешко сојузништво

Дел од македонските министри утрово остварија билатерални средби со ресорните колеги од унгарската делегација.

Инаку, за време на посетата на унгарската владина делегација, вообичаено за гостите се организира прошетка низ Охрид и разгледување на најзначајните места во градот и околината. Па така, Орбан ќе ја посети црквата „Богородица Перивлепта“, како и Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а заедно со Мицкоски и Орбан ќе положат и цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Поради посетата на Орбан, СВР Охрид најави посебен сообраќаен режим. Засилено полициско обезбедување има низ улиците во и надвор од градот.

На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ е забрането запирање и паркирање возила, а кога ќе се движат возилата на делегациите, привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“.

Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Дислоцирани се и возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самуил“ и Кејот „Македонија“.

Најголем интерес во јавноста предизвикува заемот од Унгарската експорт – импорт банка во износ од 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.

Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Посетата на Орбан доаѓа по цели 11 години, кога во 2013 година исто така дојде во Охрид, каде имаше средба со тогашниот премиер Никола Груевски. Тогашниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов му додели Орден „8  Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија.

Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот