ФОТО | За „Соседната соба“: Педро Алмодовар го освои Златниот лав на годинашниот Венецијански филмски фестивал

Педро Алмодовар со својот Златен лав / Фото: EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Шпанскиот режисер Педро Алмодавар го освои Златниот лав, главната награда на Венецијанскиот филмски фестивал, за неговиот прв филм на англиски јазик „Соседната соба“ („The Room Next Door“), кој се занимава со тешката тема – евтаназија. Главните улоги ги толкуваат актерките Тилда Свинтон и Џулијан Мур, пишува „Гардијан“.

Да потсетиме, овој филм доби 17-минутен аплауз кога беше премиерно прикажан во рамки на фестивалот, што е еден од најдолгите аплаузи во последно време.

Шпанскиот режисер често е дел од најголемите филмски фестивали. Тој ја доби наградата за животно дело во Венеција во 2019 година за неговите смели, често смешни филмови на шпански јазик.

Тој беше награден со најпрестижната филмска награда Оскар во категоријата за најдобар странски филм, во 1999 година за филмот „Todo sobre mi madre“ („Сѐ за мојата мајка“).

Златниот лав во рацете на Педро Алмодовар / Фото: EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Во осмата деценија, тој одлучи да се обиде да снима филмови на англиски јазик, велејќи им на новинарите дека тоа за него е како научна фантастика. Говорејќи пред премиерата на „Соседната соба“, режисерот рече дека неговиот филм ја истакна важноста на негувањето на животот, но исто така јасно стави до знаење дека луѓето треба да можат да умрат достоинствено во моментот што ќе го изберат.

„Тоа е филм во корист на евтаназијата“, рече режисерот, критикувајќи ги земјите како САД, каде што таканареченото „убиство од милост“ е нелегално, за разлика од неговата родна Шпанија.

Додека „Соседната соба“ беше очигледен фаворит, второпласираниот Сребрен лав ѝ припадна на италијанската режисерка Марија Делперо, за филмот „Планинска невеста“ („Vermiglio“), драма сместена на италијанските Алпи за време на Втората светска војна.

Австралијката Никол Кидман ја доби наградата за најдобра актерка за нејзината извонредна изведба во еротскиот трилер „Малечка“ („Babygirl“), каде глуми тврдоглава директорка која ја загрозува нејзината кариера и нејзиното семејство поради токсичната афера со млад, манипулативен практикант. Кидман беше во Венеција, но не присуствуваше на доделувањето на наградите поради ненадејната смрт на нејзината мајка.

Французинот Винсент Линдон беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во „Тивкиот син“ („The Quiet Son“), современа драма на француски јазик за семејство растурено од екстремно десничарскиот радикализам.

Наградата за најдобар режисер му припадна на американскиот режисер Брејди Корбет за трииполчасовниот филм „Бруталист („The Brutalist“), епска приказна за унгарски преживеан од Холокаустот, со Адриен Броди во главната улога.

Фестивалот го означува почетокот на сезоната на филмски награди и редовно ги издвојува големите фаворити за Оскарите. Осум од претходните дванаесет добитници на Оскар за најдобра режија беа филмови кои дебитираа во Венеција.

Критичарите за филмот кој доби 17-минутен аплауз во Венеција: „Веќе не се прават вакви филмови“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот