ФОТО: Тетово во сообраќаен колапс, Касами прстот го впери во полицијата

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Секој дел од градот е во тотоален сообраќаен хаос. Узупирани тротоари со паркирани возила, непрописно паркирани автомобили на сообраќајниците што го загушува и онака загушениот сообраќај.За поминати два километри треба да возите половина час.

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами вината за ваквата состојба ја гледа во како што рече нерегулирањето на сообраќајот од страна на полицијата.

„Денеска сме тука за да разговараме за хаосот во сообраќајот, каде што возилата паркираат каде ќе стигнат, а како што може да се забележи полицијата ја нема никаде. Значи во места каде што има обезбедени официјални паркинг места и таму гледаме дека и тие паркинг места се полупразни, а возилата се паркирани дали на улица дали на тротоар. За жал Министерството за внатрешни работи односно сообраќајната полиција не ги врши нивните работи, со месеци немаме координација со полицијата за да ги реализираме нашите обврски за да имаме уреден регулиран сообраќај во градот, за да граѓаните можат да ги завршат нивните обврски секојдневно. Тоа што е најпроблематилно е поврзано исто и со јавните услуги кои ги вршиме. Имаме проблеми со јавниот транспорт, како што можам секој ден да забележам е дека сообраќајните постројки се блокирани, автобусите се принудени да застанат на улица за да можат да се симнат граѓаните од автобусите. Исто така и камионите за јавна чистота не можат да го подигнат сметот, заради тоа што контејнерите се блокирани, рече градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Касами смета дека во неажурноста на полиција стои политиката.

„Затоа повикуваме сообраќајната полиција без политички калкулации да ги врши своите обврски во координација со Општина Тетово, за да имаме регулиран соорбаќај, за да можат граѓаните да се движат по тротоарите. Ова е предуслов за да ние како општина направиме пресметки колку и каде ни се потребни дополнителни паркинг места. Во некои места каде имаме тесно грло има паркинзи кои се полупразни. Значи со ова се докажува дека не се работи за дополнителни паркинг места, туку за поголемо регулирање на сообраќајот“, рече градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Од СВР Тетово велат дека полицијата е ажурна и нивните екипи се постојано на терен изрекувајќи голем број мерки пред се за непрописно паркирани возила.

„Во изминатите 11 месеци од оваа година полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово изрекле вкупно 5148 мерки за непрописно односно погрешно паркирање на возила во Тетово. Најголемиот број од изречените мерки се однесувале на паркирање во таканаречени „двојни редови“, во зона на крстосници, тротоари и на други недозволени места, претежно во централното градско подрачје. Покрај ова, во периодот за кој станува збор тетовската „пајак-служба“ подигнала вкупно 3767 погрешно паркирани возила, кои најдиректно го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници на сообраќајот, возила, пешаци и слично. На сите погрешно паркирани возачи изготвени им се предвидените поднесоци по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, најчесто и најмногу со парични глоби кои се движат од 35 до 180 евра во денарска противвредност, зависно од тоа – каде и како биле паркирани“, рече Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Фото: Слободен печат

Секторот за внатрешни работи Тетово и во наредниот период, во редовни и акциски контролни и други активности, ќе продолжи со санкционирање на погрешно паркираните возила, со цел да овозможи поголем ред и безбедност во одвивањето на сообраќајот и да се отстранат сите оние кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и ги оставаат возилата каде ќе стигнат, додаваат од тетовската полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот