ФОТО | Општина Тетово: Острануваме нелегални објекти, но полицијата не асистира поради безбедносни причини

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Општинскиот инспекторат Тетово продолжува со остранување на нелегалните бараки поставени на јавните површини во градот.

Денеска ги острани бараките долж булеварот „Маршал Тито“ во чии привремени објекти со децении се вршеше трговска дејност, а каде најверојатно ќе се пробие улицата Димо Гавровски Кара и истата ќе се спои со булеварот.

Раководителот на општинскит инспекторат Седат Сулејмани, се пожали дека во нивните вакви акции немаат никаква соработка со централната власт односно со полицијата.

„Денеска сме ве повикале да видите дека тоа што веќе две години го кажуваме, а тоа е дека власта не соработува со општина Тетово. Ние сме побарале асистенција од полицијата во склоп на акцијата за остранување на бараки од градот пред десет дена, но во петок ни пратија писмо и ни кажаа дека не се во можност да ни асистираат, а тоа што е најважно не биле во можност да ни асистираат поради безбедносни причини, може да замислите органите за безбедност во градот, не се во можност поради безбедносни причини да ни асистираат, тоа е целта поради која ве повикавме. Им се заблагодарувам на сите сопственици што не реагираа дека можеше да биде ескалирачка ситуацијата оти не беше присутна полицијата“, изјави Седат Сулејмани раководител на Инспекторатот при Општина Тетово.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Секторот за внатрешни работи Тетово ги отфрли како невистинити и тендециозни обинувањата изнесени од Општина Тетово дека намерно одбива денеска и утре да и даде асистенција на општината за отстранување на времени објекти во централното градско подрачје.

„На средба одржана со претставници на Општина Тетово на 20-ти овој месец подробно им било објаснето – зошто СВР Тетово не е во можност да им даде асистенции и побарано е од нив планираните активности да бидат одложени за идниот месец. Ова, поради тоа што СВР Тетово со целосниот капацитет со кој располага (човечки и технички ресурси) деновиве е ангажиран во реализација на повеќе активности во сферата на безбедноста во областа на сообраќајот, одржување на јавниот ред и мир и друго, покрај другото, како резултат на значително зголемениот број на луѓе и возила на подрачјето, посебно по доаѓањето на голем број времено вработени од странство“, изјави портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Од тетовската полиција информираат дека им асистирала на општинските служби во тетовското село Гајре, додека во текот на годинава вкупниот број на асистенции поврзани со општински активности изнесува 11.

„Од ова јасно и недвосмислено произлегува дека не е во прашање никаква тенденција, опструкција или било што друго туку, да повториме уште еднаш, моментна презафатеност со бројни професионални обврски од неговиот ингерентен делокруг. СВР Тетово секогаш максимално се придржува на законски детерминарните обврски, додека во членот 7 став 5 од Законот за полиција децидно стои во кои случаи може и да не се даде асистенција“, додаде портпаролот Јосифоски.

Фото: Слободен печат

Од Општинскиот инспекторат апелираат сите граѓани кои имаат нелегално поставени објекти, а на кои им пристигнало решение за нивно остранување да постапат по истото оти борбата со нелегалните објекти како што посочија ќе биде бескомпромисна.

Неодамна градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами вината за сообраќајниот хаос во градот ја впери во полицијата.

ФОТО: Тетово во сообраќаен колапс, Касами прстот го впери во полицијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот