ФОТО | Новиот директор на Онкологија ќе се бори со старите проблеми, од МЗ велат дека Игор Стојковски не е изборот на Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари за денеска најави посета на Клиниката за онкологија но сликата што ќе го дочека таму е катастрофална: огромни гужви, вратени и одложени пациенти за терапија, малку кадар, сестри и доктори што го користат правото на годишен одмор, зголемен број на новодијагностицирани пациенти со карцином.

Министерството за здравство со месеци не го решава проблемот со недостигот на кадар на Клиниката за кој алармираше претходната директорка доктор Виолета Клисаровска која во изјава за „Слободен печат“ пред еден месец рече дека персоналот е „прегорен“ од работа, сестрите паѓаат во несвест, дел од нив се и самите болни и дека итно се потребни барем 10 нови вработувања на медицински сестри за во дневната болница каде се аплицира терапијата.

И пациентите се жалат на социјалните мрежи дека на Онкологија е неподносливо. „Слободен печат“ праша во Министерството за здравство дали единствениот доктор кој се пријавил во архивата за директор, доктор Игор Стојковски ќе биде новоизбраниот медицински директор на Клиниката, но оттаму добивме негативен одговор.

Доктор Стојковски нема да биде нов директор на Онкологија, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“ но не откриваат кој ќе биде директорот.

Проблемите на пациентите остануваат.

-Некои од нас патуваме по 260 километри и пак треба да дојдеме утре. Барем на телефон нека не известуваат кој ден да дојдеме за хемотерапија а не да не враќаат за утре. Наводно немало доволно персонал во соба 101 и ги враќаат дел од пациентите за да дојдат следниот ден. Докторите си ја работат работата но кога ќе дојде ред да земеш бројче и да ти се аплицира терапијата, тогаш има премногу гужва и не можеш да завршиш работа, вели за „Слободен печат“ граѓанин кој патува од внатрешноста на Клиниката за онкологија како придружба на болен.

Пациентите на социјалните мрежи се револтирани. Објавуваат фотографии од редиците за терапија и незадоволни се од недостоинствениот третман односно тоа што нема доволно кадар да им се посвети.

Дали ви изгледа ова нормално? Или се заборави Онкологија?Секое чудо за три дена нели!! Ова е фотографија од утринава во 7 часот и 30 минути објавена од моја соборка. Замислете што е во 14 часот!

Оние што сеуште работат таму (способните) изгинаа од работа!!За нас пациентите – утопија, по цели денови се чека. Ги враќаат од терапии затоа што неможе да се постигне и нема кадар.

Ајде доста ви беше избори, па оформување влада. Фаќајте се за работа и решавајте го проблемот. Смачено ни е од чекање.Во најмала рака свесен човек и здрав ќе појде барем еднаш во годината на Онкологија, во лудница и на гробишта.

Чисто да види дека не е таму. За повеќе да го цени сопствениот живот и да види колку е Среќен! „Емпатија”-што ли е тоа?Решавање на проблемите на Клиника под итно, пишува на Фејсбук револтирана пациентка.

На Клиниката за онкологија, за во дневната амбуланта, потребни се барем 10 вработувања на медицински сестри и тоа веднаш, затоа што во моментов работат само 6 сестри, меѓу кои и жена која има карцином, жена која е бремена и жена која се онесвести неодамна поради здравствени проблеми. Пациентите се премногу, а персоналот е исклучително редуциран.

Исто така е потребно итно да се дисперзираат услугите на другите клиники во внатрешноста, бидејќи само во 2024 година имаме 1.900 нови пациенти со карцином. Ова вака не може да се постигне, секој ден дел од кадарот ми најавува отказ, изјави за „Слободен печат“ директорката на Клиниката за онкологија доктор Виолета Клисаровска пред еден месец.

Таа тогаш додаде дека сите терапии кои се администрираат во дневната болница се такви за кои се потребни часови, некогаш по пет или по шест часа, па затоа се случува пред вратата да има огромен број на пациенти, па дури и пациентите да се презакажат за наредниот ден. Кадарот според директорката Клисаровска работи исклучително напорно и вложува натчовечки напори, меѓутоа потенцира дека персоналот е „прегорен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот