ФОТО | „Немаше човек што не заплака“: Двојно виножито на свадба на маж и жена, кои се заљубиле по смртта на нивните поранешни сопружници

Фото: Инстаграм/Челзи Шефер

Фотографката Челзи Шефер неодамна сподели фотографии на својот профил на ТикТок, кои станаа вирални на оваа платформа поради трогателната приказна за двојното виножито кое се појави на свадбениот ден на маж и жена, чии поранешни сопружници починале.

Во своето видео, Шефер раскажува дека Мишел и Скот Елерметс се запознале во „локална група за надминување тага по загуба на блиски и дека таму се вљубиле“. Тие биле во брак со своите поранешни партнери повеќе од 20 години. „Цело време врнеше на нивниот свадбен ден. Но, неколку минути пред да почне церемонијата – сонцето огреа и се појави двојно виножито“, вели фотографката во своето видео.

„Немаше човек што не заплака. Навистина беше посебен момент, знаејќи ја нивната приказна и тоа што и двајцата ги загубија нивните сопружници“, вели Шефер за „Пипл“.

Фото: Инстаграм/Челзи Шефер

Свадбата на Мишел и Скот се случила на 7 септември, на брегот на Северна Каролина.

Двојката, која живее во областа Вашингтон, раскажа за „Тудеј“ дека се поврзале поради сличните интереси и неколкуте заеднички пријатели.

Скот Елерметс и неговата поранешна сопруга, која починала во јуни 2023 година, биле во брак 29 години. Првично, тој стапил во контакт со Мишел откако ја забележал во една онлајн група за вдовци и вдовици и воочил дека таа е пријателка со сестра му.

Фото: Инстаграм/Челзи Шефер

„Навистина ми е жал што те гледам на ваква веб-страница, но можеби ќе имам можност да те запознаам на некој од настаните“, ѝ напишал Скот во својата прва порака, а таа му одговорила: „Ретко одам на настаните, но можеме да испиеме некое кафе“.

Мишел Елерметс, пак, била во 23-годишен брак со нејзиниот поранашен сопруг, кој починал во јануари 2023 година. Таа вели дека ѝ бил потребен пријател, но сакала и нему да му помогне во сета тага и болка која ја чувствува.

„Секогаш кога се среќававме, јас дознавав по нешто ново што ме интригираше. Со текот на времето, сфативме дека имаме заеднички интереси“, изјавила Мишел.

Фото: Инстаграм/Челзи Шефер

Се изненадиле кога сфатиле дека и двајцата биле во брак со луѓе кои биле самохрани родители. Кога Мишел се омажила за нејзиниот покоен сопруг, тој веќе имал шестгодишно дете, а покојната сопруга на Скот имала петгодишно дете од претходна врска.

Сега нивното семејство е сочинето од четирите деца на Мишел и трите деца на Скот, но и три внуци и осум кучиња.

По неколку месеци дружење, нивното пријателство станало романтично. Тие се вериле во јуни и почнале да ја планираат нивната интимна венчавка, на која биле поканети членовите на семејството и блиските пријатели.

„На многу луѓе им делуваше дека нештата се одвиваат бргу, но ние го немавме тој впечаток бидејќи многу често комунициравме и зборувавме за она што нè поврзува“, раскажа Скот Елерметс.

Фото: Инстаграм/Челзи Шефер

На денот на нивната венчавка, двојката го доживеа двојното виножито како знак и потврда дека припаѓаат заедно.

„Имаме многу силна вера и уште од самиот почеток чувствувавме дека Бог нè склопи. И низ целиот овој процес, имаше толку многу мали нешта кои ја потврдуваат нашата љубов. Ова се мали случајности, кои за нас не се случајности. Кога го видовме виножитото, само си помисливме – зошто воопшто сме изненадени? Имавме толку многу знаци во текот на врската и ова само потврдува дека тоа треба да биде“, вели Мишел.

Многумина коментираат дека двојното виножито претставува знак дека нивните поранешни сопружници се среќни за нив двајца.

„Тоа беше порака од нив: ‘Ние сме среќни за вас и ние ви го посакуваме ова’. Ние навистина веруваме дека тоа е така“, вели Мишел, а Скот додава дека „ова е нивнен благослов“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот