ФОТО | „Бијело дугме“ повторно во мода: Цензурираната верзија на „Битанга и принцеза“ конечно меѓу фановите

Фото: Промо

Дискографската куќа „Кроација рекордс“ со гордост ја претставува новата верзија на албумот „Битанга и принцеза“ на култната музичка група „Бијело дугме“.

Четириесет и пет години подоцна, четвртиот студиски албум на иконите на југословенскиот рокенрол пристигнува во ново звучно и визуелно руво.

За повторното миксање на албумот беа искористени оригиналните 24 канални ленти, кои беа внимателно зачувани во архивата на „Кроација рекордс“. Материјалот го подготви тонскиот волшебник Горан Мартинец.

Винилното издание на „Битанга и принцеза“ режано во студиото „Аби роуд“ во Лондон, од страна на Шон Меги, добитник на Греми награда за звук.

„Следејќи го примерот на ‘Битлси’, но и она што веќе стана светски тренд на ремиксирање на одлични, легендарни албуми, се одлучивме на опасен, но предизвикувачки потфат. ‘Битанга и принцеза’ е секако една од најдобро отсвирените, најдобро снимените, најдобро миксаните и најдобрите албуми на просторот на поранешната држава.
Но, новите технологии носат нови можности, па ‘Битанга и принцеза 2024’ звучи почисто и поприсутно.

Се обидовме да се држиме до оригиналниот звук, оригиналните простори и оригиналниот баланс на инструментите.

На новата верзија на албумот е вратена некогаш цензурираната реплика од ‘Ала је глупо заборавит њен број“ – „…а који ми је мој?’. Во оригиналот, поради техниките на снимање и микрофоните од тоа време, имаше многу ‘блидинг’ на елементите на тапанот, па поради ова, мајсторите на оригиналниот тон, Ник Глени Смит и Раде Ерцеговац, имаа проблеми со цврстина на самата ритам секција. Денешната технологија на миксање ни го олеснува справувањето со овие проблеми“, објаснува Горан Мартинац.

Фото: Промо

Оние кои го слушнаа сработеното велат дека гитарите на Бреговиќ се во преден план, а одлично се слушаат и придружните вокали на македонската пејачка Маја Оџаклиевска.

Но, не е само звукот што ќе ги воодушеви дискофилите. Јубилејното издание на „Битанга и принцеза“ доаѓа со оригиналната, цензурирана обвивка на Драган С. Стефановиќ!

„Омотот на ‘Битанга и принцеза’ беше малку ‘дрзок’ во својата порака, но беше покриен со убава и елегантна слика.

Идејата беше едноставно низок удар на девојката (Принцезата) упатен до некој нејзин близок (Битангата), со кој е во одредена корелација. Но, самата врска е заменета: принцезата е облечена како уличарка, па така и реагира, додека мажот е убаво облечен, речиси џентлменски, со однесување како младоженец – во бел костум, тој се штити, наместо да напаѓа. Кога слушнав дека е цензурирана мојата верзија на обвивката, а и забранета за објавување, се почувствував повреден.

На самата слика немаше ништо визуелно непристојно или вулгарно, само идејата беше провокативна. Бев пријатно изненаден од љубезната понуда на ‘Кроација рекордс’ повторно да учествувам во проектот со ‘забранетата слика’ на речиси заборавената корица! Нивната отвореност и подготвеност да исполнат се што е потребно ме обврза да се обидам да направам нешто на работ од возможното. Со помош на Дарко Кујунџиќ, успеавме сликата да ја направиме повторно автентична и оригинална. ‘Забранета слика’ сега се врати пред публиката и многу сум среќен!“, открива дизајнерот Драган С. Стефановиќ.

Фото: Промо

Албумот „Битанга и принцеза“ содржи седум одлични песни – „Na zadnjem sjedištu mog auta“, „Ala je glupo zaboravit njen broj“, „Bitanga i princeza“, „A koliko si ih imala do sad“, „Kad zaboraviš juli“, „Ipak poželim neko pismo“ и „Sve će to mila moja prekriti ružmarin, snjegovi i šaš“, во која „Бијело дугме“ е придружено од симфониски оркестар и хор.

„Дури и од денешна перспектива, албумот ‘Битанга и принцеза’ е едно од најинтересните остварувања во целокупната продукција на ‘Бијело дугме’. Јас лично го гледам како мое ултимативно достигнување во далечните седумдесетти“, изјави Жељко Бебек, првиот фронтмен и според мислењето на многу фанови на групата еден од најдобрите вокали на „Бијело дугме“.

Следејќи ги светските трендови во дискографијата, „Кроација рекордс“ претставува одлични легендарни изданија на технолошки најмодерен начин.

„Феноменот на ‘Бијело дугме’ и по 50 години од нивното појавување веројатно не може да се повтори во ниту еден сегмент. Од нивното основање тие се институција која со своите активности ја промени дискографијата на овие простори на подобро, а времето во кое тие делуваа и создаваа е неповторливо, затоа ова издание е уште еден придонес за нивната уникатност, како и нов начин на гледање на албумот ‘Битанга и принцеза’ за дискофилите кои се желни за понатамошно проучување на феноменот Бијело дугме“, заклучува Желимир Бабогредац, директор на „Кроација рекордс“.

Фото: Промо

Иван Беќковиќ, супервизорот на „Кроација рекордс“ за Македонија потенцира дека изданијата на најголемата дискографска куќа во регионот се постојано присутни во нашата земја и се многу популарни кај фановите, бидејќи тие се секогаш подобри од другите, оти даваат многу повеќе…

„Со винилот на ‘Кроација рекордс’ секогаш оди и картичка за бесплатно преземање на песните во ем-пе-три верзии, а самите изданија се луксузни, со многу дополнителни содржини. Јубилејната верзија на ‘Битанга и принцеза’ веќе може да се купи онлајн на страницата на ‘Кроација рекордс’, а официјалното излегување на албумот е закажано за 15-ти јули. Една недела претходно нестрпливите ќе можат да го слушнат сработеното на дигиталните платформи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот