Финска ја ограничила цената за пренос на струја, сега ја тужат странски инвеститори

Далновод / Фото: EPA

Група инвеститори ја тужат Финска пред меѓународен арбитражен суд поради обидите на регулаторот да го ограничи поскапувањето на преносот на струјата за потрошувачите, извести финското министерство за надворешни работи.

Американската инвестициска компанија ККР, шведскиот пензиски фонд АМФ и канадскиот пензиски фонд ОТТП поднеле против Финска две тужби во Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ИЦСИД) во Светската банка.

Финска со потпишувањето на Енергетската повелба се обврза дека нема да ја менува регулативата и ја прекрши таа обврска, тврдат инвеститорите, сопствениците на 20 отсто од уделот на најголемата финска компанија за дистрибуција на струја Каруна.

„Добивме во август, преку ИЦСИД во Вашингтон, барање за арбитража и ја проучуваме неговата содржина“, кажа за Ројтерс вишата советничка за трговска политика во финското министерство за надворешни работи Марија Похјанпало.

Таа одби да каже дали Финска ќе го следи примерот на група членки на Европската Унија кои во мај заклучија дека ЕУ во целост треба да се повлече од Енергетската повелба.

За да го ограничи растот на цените на струјата и да ги уважи барањата на незадоволните граѓани, финскиот регулатор ја измени на почетокот на годината методологијата на пресметување на максималната заработка која сопствениците на мрежата можат да ја задржат.

Регулативата ја пумпа вредноста на мрежата и резултира со неосновано поскапување на преносот на струја.

„Со ненадејни и значајни измени на долгогодишната регулатива во енергетскиот сектор финската агенција за енергија ја наруши стабилноста и ги прекрши обврските кои Финска ги презема со Повелбата за енергија“, напишал како одговор на прашањето на Ројтерс канадскиот пензиски фонд, а сличен одговор испратил и американски ККР.

„Бараме надомест на загубата која ја претрпевме ние, а со тоа и нашите членови кои штедат за пензија“, порачал шведскиот пензиски фонд.

Регулаторот одбил да го коментира спорот.

Тужбата, според прелиминарната проценка, е тешка околу две милијарди евра, кажал за Ројтерс упатен извор.

Ако меѓународниот центар го прифати барањето на инвеститорите, процесот би можел да трае со години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот