Филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски се прикажува во „Синеплекс“

Филмот досега е прикажан на 32 филмски фестивали низ целиот свет

Дебитантскиот игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, кој беше прикажан на 32 филмски фестивали низ целиот свет и освои 10 награди од меѓународните жирија од Европа до САД и Јужна Америка, од 19 септември е на репертоарот во „Синеплекс“ во Скопје.

Долгометражниот игран филм „Бизнисот на задоволството“ ја следи приказната на новинарка, која е опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка и подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Реномираниот филмски магазин „Филм Трит“ од САД за филмот напиша: „’Бизнисот на задоволството‘ на супериорен начин се впушта во кинематографската темнина, сигнализирајќи дека нешто големо се случува во Македонија што светот нема да може да го игнорира“, стои во критиката по прикажувањето на филмот во Седона, каде ја доби наградата за највпечатлив филм.

Сцена од филмот „Бизнисот на задоволството“

Режисерот Гоце Цветановски студирал филм и аудиовизуелни уметности во Париз, Франција. Тој е сценарист и режисер на првата македонска долгометражна анимација, научно-фантастичната комедија „Јон Вардар против Галаксијата“, која наскоро ќе има светска и македонска премиера. Дел е од тимот кој го почна проектот „Сказните на Биби“, режирајќи повеќе епизоди.

Цветановски стоеше зад режијата и на музичкиот спот „Cone of Shame“ за познатиот американски рок/метал бенд „Faith No More“, а работеше и на анимираниот спот „Лоши навики“ (Bad Habits) за музичката мегаѕвезда Ед Ширан. Филмот „Бизнисот на задоволството“ е финансиран од Агенцијата за филм на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот