Филипче: Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата

Венко Филипче/ Фото: Фејсбук

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија, изјави претседателот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче по најавите дека Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја.

– Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред сè, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива – порача Филипче на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека амбасадорите на државите членки на Европската унија вчера донеле одлука Албанија да ги продолжи преговорите со Европската унија и да се раздвои од Северна Македонија на патот на евроинтеграциите, со што станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување во втората фаза на преговорите со ЕУ и отворање на првиот кластер.

„Еурактив“: Северна Македонија уште еднаш не успеа да го направи решавачкиот чекор кон пристапувањето во ЕУ

– ВМРО-ДПМНЕ велеа, планот ќе го соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја? – нагласи тој.

Претседателот на СДСМ уште додаде дека „сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред. За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија“.

– Првпат во 30 години, откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира. Стравот од кои било идни блокади, е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ интеграциите паднавме на последно место. Сега повторно Влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции – додаде Филипче.

Обраќајќи се на прес конференцијата тој истакна дека „најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија. Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од билатерален спорот да го донесеме во рамки на преговорите“.

-Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи целта е да се врати се наназад односно да се отвори повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош Договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта. Ова прашање да биде повторно и повторно главна тема во медиумите, а расправиите со соседите главна алатка на неговата пропаганда – рече Филипче.

Тој е убеден дека со промената на Уставот што е јасен услов од Преговарачата рамка, ништо нема да изгубиме и дека, напротив, ќе добиеме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот