Филипче најави укинување на партиципацијата, Тренчевска новогодишен пакет од 100 евра за пензионерите

Венко Филипче и Јована Тренчевска / фото: СДСМ

Нашиот план за следните четири години е амбициозен, но реален и насочен кон клучните проблеми и реформи потребни во здравството. Предвидуваме укинување на партиципацијата од 20 отсто за јавните здравствени услуги, обезбедувајќи финансиските ограничувања никогаш да не стојат помеѓу граѓаните и нивното право на здравје, рече денеска носителот на листата во ИЕ3, Венко Филипче на промоцијата на програмата на СДСМ, „Програма за европска иднина“.

Тој додаде дека во изминатиот мандат Владата предводена од СДСМ распиша над 1000 специјализации и субспецијализации, а во следниот мандат ќе се распишат уште 1000.

– Одливот на кадар е предизвик за целиот регион, многу од нашите таленти ја бараат својата можност во странство. Веќе започнавме успешен процес на обебзедеување европски услови за нашите здравствени работници преку покачување на платите, платените специјализации и едукацијата. Сега нашата цел е да го надградиме овој модел и обезбедиме враќање на дел македонските лекари од странство. Ќе понудиме европски плати за лекарите кои што сакаат да се вратат да работат и да ги едуцираат идните млади лекари дома – рече Филипче.

Тој додаде дека СДСМ е посветена на значително подобрување на финансиската состојба на здравствените работници.

– Откако вкупните примања на лекарите специјалисти се повеќе од двојно зголемени, во следниот мандат се обрзуваме дека платите за специјалистите ќе се зголемат во терциерното здравство до 180.000 денари, во секундарното здравство до 140.000 денари, на општите лекари до 120.000, на медицинските сестри со висока школа до 90.000 денари, а на оние со средна 60.000 денари – рече Филипче.

Тој додаде дека ова е правична компензација за оние кои ги посветуваат своите животи за спасување на другите.

– Приориртет и понатаму ќе останат пациентите со ретки болести. Во првиот мандат го зголемивме буџетот за 200 отсто за овие пациенти и воведовме седум нови лекови. Во следните четири години за секој нов лек кој ќе се појави на светкиот пазар за било која ретка болест, ние ќе го направиме достапен за нашите пациенти – рече Филипче.

Тој додаде дека по укинувањето на паралелниот увоз на лекови и обезбедувањето оригинални инсулини за 20 илјади пациенти, владата предводена од СДСМ ќе се обврзе на воведување уште три нови квалитетни лекови од групата на инсулините.

– Понатаму, планираме значително подобрување на условите за студентите. Во следните четири години ќе ги удвојуваме квотите за упис на факултетите и ќе ја укинеме партиципацијата за студирање на медицинскиот, стоматолошкиот и фармацевскиот факултет. Ја решаваме критичната побарувачка за здравствени работници и инвестираме во иднината на македонската медицина – рече тој.

Додаде дека развојот на новиот Медицински факултет во Битола е доказ за посветеноста на образованието и иновациите во здравството и симболизира нова ера во медицинската едукација во земјава.

Ддополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика и коносителка на ИЕ4, Јованка Тренчевска рече дека продожува грижата за пензионерите, кои ќе имаат минимална пензија од 20.000 денари, а просечната пензија од 30 000 денари, како и усогласување на пензиите секој јануари и јуни. Таа додаде дека ќе се воведе и новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6.000 денари, како и дека ќе се изградат најмалку 12 домови за стари лица.

– Како што се грижиме за нашите највозрасни сограѓани, така продолжуваме со грижата за нашето најголемо богатство-децата. Продолжуваме со отворање на нови градинки и се обврзуваме да го зголемиме опфатот на децата во градинки од 70 отсто. Сите сме еднакви, затоа ќе обезбедиме инклузивно игралиште и сензорна соба во секоја градинка, во секоја општина – рече Тренчевска.

Таа додаде дека ќе има и бесплатни логопетски и дефектолошки третмани за секое дете.

– Продолжуваме да се грижиме за лицата во социјален ризик. Се обврзуваме да ги зголемиме сите права од социјална и детска заштита за 30 отсто. Услугата „Помош и нега во домот“ ќе биде достапна во секоја општина. Обезбедуваме 375 социјални станови за подобар животен стандард за 375 семејства – рече Тренчевска.

Таа додаде младите беа и се најголемиот мотив и затоа се зголемува младинскиот додаток од три на пет илјади денари месечно.

– Се обврзуваме да го зголемиме опфатот на „Гаранција за млади“ за 50 отсто. Обезбедуваме Софтвер за активација на млади по примерот на Словенија. Се обврзуваме да продолжиме да градиме еднакво и праведно општество, општество на еднакви можности за секој – Едно општество за сите – рече Тренчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот