Филипче ќе треба да ја оперира „главата“ на СДСМ

Венко Филипче, лидер на СДСМ Фото: Филипче Фејсбук

Обвинувања за политичко влијание на екслидерот Зоран Заев во корист на Филипче, за злоупотреба на базата на лични податоци на членството, прогласување на новиот претседател без да се испочитуваат приговорите, отсуството на одговор зошто 11.000 регистрирани членови биле вратени од избирачките места, се дел од забелешките на изборниот процес.

Венко Филипче е новиот претседател на СДСМ, кој на функцијата доаѓа по оставката на Димитар Ковачевски по катастрофалниот историски пораз на партијата на парламентарните избори. И критичарите и воздржаните, но и самиот Филипче излегоа со идентична оцена дека ќе биде многу тешко партијата да се консолидира и да се крене на нозе.

Внатрепартискиот изборен процес од почеток го карактеризираа контроверзии и обвинувања за политичко влијание на екслидерот Зоран Заев во корист на Филипче. Еден ден по изборите, обвинувањата се ефектуираа во изјави за злоупотреба на базата на лични податоци на членството, потоа за прогласување на новиот претседател без да се испочитува времето за приговори, како и отсуството одговор на клучното прашање – зошто 11.000 уредно регистрирани членови биле вратени од избирачките места. Ова директно се врзува со легитимитетот на Филипче, кој е избран за лидер со 9.000 гласа од вкупно излезени 12.600 гласачи или 54 отсто од запишаните 23.000, најмалку во историјата на партијата. Александар Бајдески освои 905, Јован Деспотовски 2.705 и Славјанска Петровска – 190 гласа.

Викторија Аврамовска -Мадиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Мадиќ: Кредибилен и демократски процес

За Централната изборна комисија изборот на Филипче е легитимен и изборите поминале во фер и демократска атмосфера.

– Како Централна изборна комисија констатиравме дека имаме кредибилен и демократски процес за избор на претседател на СДСМ. По завршување на изборниот процес и гласањето за избор на претседател на СДСМ, пристигнат е само еден приговор. Примерите што се наведени се веќе јавно соопштени од Комисијата, тие се незначителни и немаат речиси никакво влијание на целиот процес – рече Викторија Аврамовска Мадиќ, претседателка на Централната изборна комисија на СДСМ.

Филипче по изборите оцени дека е спроведен беспрекорен изборен ден и целосно легитимен изборен процес и дека СДСМ уште еднаш го покажа својот демократски капацитет.

– Оваа победа за мене претставува огромна одговорност кон вас членовите на СДСМ, кон сите наши граѓани и кон нашата држава. Моја цел е да ги вбризгам во СДСМ принципите што ме водат во мојот личен и професионален живот – принципите на заедништво, другарство, заемна почит и отворена комуникација. Нема време за славење, туку е време за обнова на СДСМ и за многу работа. Следува период на реорганизација и реформа во согласност со моите програмски ветувања со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно, но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај нашите членови освен да направиме вистински темелни промени – порача Филипче.

Тој вети дека како претседател нема да дели, туку ќе обединува, ќе води со пример, силно ќе се спротивстави на оние што ќе сакаат да ја ослабат партијата на сметка на личниот интерес, дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија, подготвена за претстојните предизвици.

Венко Филипче, лидер на СДСМ Фото:Фејсбук СДСМ

– Многумина сакаа да ја видат СДСМ клекната и поразена. Се надеваа дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а на оние кои се надеваат на лоша иднина им порачувам – длабоко ќе се разочараат. Ветувам дека ќе бидеме силна опозиција, ќе се бориме со сите сили да ги спречиме лошите политики на власта и ќе бидеме коректив во општеството – рече Филипче.

Противкандидатот Деспотовски не се согласува дека изборите се легитимни. За резултатот вели дека нема коментар и посочи дека презентирањето пред медиумите дека Филипче е новиот претседател на партијата е некоректно.

– Како другар се радувам за Венко, затоа што ми е другар, но не се радувам за СДСМ. Зградава е празна денеска и тоа не е во ред, тоа треба да каже многу за нас – рече Деспотовски.

Јован Деспотовски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тој во изјава за „Слободен печат“ вели дека доставил приговор за изборите.

– Од правниот тим уште синоќа пратија приговор за повеќе случаи на наши членови што се појавиле на избирачките места, уредно, а не им било дозволено да гласаат, односно биле вратени и очекуваме одговор. Искрено, малку беспредметно дискутираме за одговор кога синоќа Комисијата, не знам по која основа, го прогласи Филипче за претседател без да го испочитува рокот за приговори. Малку е комична ситуацијата. Клучно е како се случи 11.000 члена што биле уредно регистрирани да не излезат или да не им се овозможи да гласаат – рече Деспотовски.

Според него, мали се шансите Филипче да ја консолидира и крене партијата кога на денот на гласањето „спречувате членови да гласаат ако претпоставувате дека нема да гласаат за вас или не знаете за кого ќе гласаат“.

И Бајдевски ќе поднесе приговор, но до Надзорниот одбор на партијата, за злоупотреба на базата на податоци. За тоа дали Филипче е легитимен претседател, тој вели дека иако излезноста на изборите е мала, во статутот нема ограничување со колку гласа може да биде избран новиот претседател.

Александар Бајдевски
Фото: Фејсбук СДСМ

-Јас кажав дека за мене лично ова е мала излезност. Сметам дека неодржувањето на конгресот, немање одговорност, злоупотребата ги донесе членовите на некој начин да не излезат да гласаат за некој од кандидатите. Во наредниот период партијата треба да се движи во таа насока, прво да го одржи конгресот, да ги утврди причините за поразот и бидејќи мандатот на Филипче е до март, да се организираат избори каде што ќе има поголем број луѓе коишто ќе гласат. И второ, не треба да заборавиме дека не треба да се занимаваме сами со себе, туку партијата треба сериозно да се занимава со нашиот политички противник. По тежок пораз и големата разочараност на членовите и нивното чувство на изневереност и на напуштеност ќе треба многу работа, многу ќе биде тешко, ќе треба да видиме кои ни се гршките, се надевам како нов лидер Филипче ќе се зафати со работа и ќе успее нешто да промени – ни изјави Бајдевски.

Петровска, која се повлече од изборниот процес, за изборот на Филипче излезе со коментар дека „се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“. Таа забележува дека новиот претседател на СДСМ е избран со 11 отсто од вкупниот број членови на СДСМ – 83.000, „за“ гласале само 9.000.

-И со ова само се продолжува агонијата во која СДСМ почна да тоне од 2020 година наваму. Денес на многу членови на СДСМ не им беше овозможено да гласаат затоа што ги немаше на избирачкиот список, иако уредно се регистирале. Денес, 11.000 членови одбија да гласаат затоа што се спротиставија на начинот на кој беше водена кампањата, на фаворизирањето, на несанкционирањето на злоупотребата на лични податоци, на притисоците да се поддржи фаворитот, затоа што се чувствуваат навредено на избирачкиот список на СДСМ да се најдат со активисти на владејачки партии. А и како прогласија претседател, а не ги почекаа приговорите? Еве доказ за диригираниот процес – смета Петровска.

сдсм Славјанка Петровска/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Мицкоски: Му посакувам успешна работа, да бидат конструктивна опозиција

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на други партии и на Филипче му посака успешна работа.

– Му посакувам успешна работа, да бидат конструктивна опозиција, да работат во интерес на граѓаните и татковината. Ние рековме дека нема да се мешаме, не сакаме да им правиме на другите тоа што не сакаме другите нам да ни го прават. И во моето експозе во Собранието кажав дека секогаш кога станува збор за интересите на Македонија и на македонските граѓани, подавам рака. Така ќе биде и во иднина. Членството на СДСМ одлучило така, нам не ни преостанува ништо друго освен таа одлука да ја почитуваме бидејќи немаме право и не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на другите политички партии – рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски, премиер Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно изборот на Филипче го коментираа „во СДСМ како и до сега, и по Заев, Заев“.

Андреј Петров, член на Извршниот одбор на партијата за „Слободен печат“ вели дека треба да му се даде шанса на новиот претседател.

– Прво би му посакал среќа на Венко Филипче, бидејќи ќе му треба, зашто СДСМ е во тешка состојба и ќе треба многу труд, енергија и нерви за да дојде во состојба на компетитивност. За процесот, тие што гласале, тие одлучуваат кој ќе биде претседател. Мнозинството го изгласале Филипче и тоа го креира победникот на изборите. За процесот да оди подобро требаше можеби да се даде малку време, во една сталожена атмосфера, и од септември да се направеше активност која ќе значеше консензуално донесена одлука. Тоа беше предлог на поискусните членови, но сите кандидати со исклучок на Бајдевски кој имаше резерва, се залагаа изборите да бидат веднаш. Мојот став беше врз база на анализа на изборниот процес да се направи портрет на новиот лидер, врз база на тоа кои се грешките и како да ги исправиме. Но, без отчетен конгрес се направи тоа што се направи – вели Петров.

И тој е еден од членовите што поради технички пропуст не успеал да гласа, но додава дека тоа не може да фрли голема сенка на целиот процес.

Андреј Петров – СДСМ /Фото: “Слободен печат”/Драган Митрески

– Фер е сите да му честитаат на Филипче, да му посакаат успех и во рамки на нивните можности да му помогнат колку што можат. Состојбата е тешка, но неговата прва изјава е обединувачка и е за поздравување. Ќе треба време зашто тоа не е процес што ќе оди преку ноќ. Оцените на некои од противкандидатите се престроги и не му носат бенефит на СДСМ. Треба да се остави на новото раководство слободен период да работи – вели Петров.

 

Функционери на СДСМ кои не сакаа јавно да коментираат велат дека набрзо ќе биде појасно дали Филипче целосно ќе ја потоне партијата или ќе напарави каков таков обид, до март кога треба да се одржат новите избори, да ја консолидира.

-Ако Филипче се опкружи со „верната“ постава на Ковачевски, тогаш нема намера да ја обедини партијата. Во таков случај дел ќе завршат кај Максим Димитриевски, а дел целосно ќе се пасивизираат – вели функционерот.

Иако имав активна регистрација, не гласав бидејќи не бев во земјата, реагираше ексминистерот и висок функционер на СДСМ, Ѓунер Исмаил.

– Сакам да дадам на знаење дека и да бев во земјата, немаше да гласам од многу причини, меѓу кои и понудата за гласање од која не бев воопшто среќен. Секако, дополна на мојот став беа и реакциите на другарката Славјанка за која, не кријам, да не се откажеше, ќе гласав – пишува, меѓу другото, Исмаил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот