Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ, најави период на обединување и реформи

Фото: СДСМ

Само преку темелни промени ќе ја вратиме довербата кај членовите, за да може да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите, порача новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче кој денеска во седиштето на партијата, ја презеде функцијата од неговиот претходник Димитар Ковачевски.

Како што соопштија од партијата, Ковачевски му честитал на победата и му посакал успех во работата и повторно градење на „победнички СДСМ“. Филипче посочил дека следи период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ.

– Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија на партијата која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок – рекол Филипче.

Внатрепартиските избори во СДСМ се организираа откако партијата доживеа пораз на парламентарните избори, а Ковачевски си поднесе оставка од претседателската функција на партијата. Изборите се одржаа на 30 јуни, а за Филипче гласаа 9.000 од вкупно излезени 12.600 гласачи или 54 отсто од запишаните 23.000, најмалку во историјата на партијата. Александар Бајдески освои 905, Јован Деспотовски 2.705 и Славјанска Петровска – 190 гласа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот