Фармацевтската индустрија ја држи Европската Унија во „свои раце“

Фото: Unsplash

Во многу земји членки на ЕУ, јавно-здравствените системи не можат да платат огромни цени за важни нови лекови. Фармацевтската индустрија ги обврзува државите на тајност на цените. Колку е помал пазарот, толку лековите се поскапи, пренесува „СЕЕ.биз.еу“.

„Местото на живеење во ЕУ не треба да одредува дали ќе живеете или ќе умрете“, рече комесарката за здравство во Европската комисија, Стела Киријакидес минатата година. Сите пациенти во Унијата треба да имаат „ран и еднаков пристап до ефективни лекови“, додаде таа.

Но, ЕУ е далеку од оваа цел – покажува истражувањето на европскиот новинарски тим „Истражи ја Европа“, на кој со месеци работеа германските јавни служби НДР, ВДР и Зидојче Цајтунг.

Првиот чекор беше да се идентификуваат новите лекови кои се на пазарот и кои се навистина подобри од старите. Секоја година фармацевтската индустрија пласира на пазарот околу 40 нови лекови, од кои повеќето по екстремно високи цени. Но, само неколку од нив навистина носат подобрување за пациентите. На барање на новинарите, независниот Институт за квалитет и ефикасност во здравствената заштита избра 32 лекови од сите одобрени лекови во последните пет години, кои имаат „значителен бенефит“ за пациентите. На списокот се и лекови против мигрена, цистична фиброза и дијабетес.

Новинарите потоа ја истражуваа достапноста на овие скапи лекови во секоја од 27-те земји на ЕУ или дали тие се платени од националниот државен здравствен систем. Од вкупно 32 лекови, само во Германија и Австрија сите лекови се опфатени со здравствено осигурување. Во Естонија, Летонија и Литванија има недостиг од околу 30 отсто, на Кипар 50 отсто, во Малта дури 59 отсто и во Унгарија дури 75 отсто од овие лекови. Според ОЕЦД, ниту една друга земја во ЕУ не троши толку пари на фармацевтски производи како Германија: цената на новите лекови заштитени со патенти се удвои меѓу 2013 и 2022 година – од 13,9 на 27,8 милијарди евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот