Факултетот на Мерко нема да изнедрува медицински сестри, но тие и понатаму ќе недостигаат

epa08427244 Neonatal Nurse Kirsty Hartley cares for a premature baby in the Neonatal Intensive Care Unit at the Lancashire Women and Newborn Centre at Burnley General Hospital in East Lancashire, following the outbreak of the coronavirus disease (COVID-19) in Blackburn, Britain, 14 May 2020. Several countries around the world have started to ease COVID-19 lockdown restrictions in an effort to restart their economies and help people in their daily routines after the outbreak of coronavirus pandemic. EPA-EFE/HANNAH MCKAY / POOL

Нема да има факултет за здравствени науки во Струга, на универзитетот што се поврзува со синот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Одборот за акредитација на високото образование ја поништи акредитацијата за основање Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународен универзитет во Струга.

Со тоа автоматски се поништува и дозволата што владата му ја даде на овој Универзитет да го креира факултетот и тој нема да постои.

Но, она кое што постои е потребата од повеќе здравствени работници во државата. Барем така тврдеше Министерството за образование на почетокот на процесот за акредитација на факултетот на Мерко.

Фактот што здравствениот кадар од Македонија масовно мигрира во европските земји, како и фактот што се ближи пензионирањето на десетици лекари специјалисти кои ќе излезат од државното здравство, но и тоа што нема доволно вработени медицински сестри и помошно технички персонал во болниците, прави државата масовно да одобрува нови установи да произведуваат кадри за во болнците.

На страницата за акредитирани универзитети и факултети во земјава, покрај Медицинскиот факултет во Скопје фигурира и факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово, како и факултетот за медицински науки при УГД Штип, а наскоро треба да почне да работи и медицински факултет во Битола. На Меѓународниот Балкански Универзитет, како и на Европски универзитет веќе работат Факултети за дентална медицина. Има и неколку факултети на кои им е дадена согласност да почнат со работа, но уште не се почнати.

Дадени се согласности за почеток со работа на Факултети за здравствени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа, Меѓународниот Балкански Универзитет и Меѓународниот Универзитет Визион.

Гордана Бешлиовска,  претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“ за „Слободен печат“ вели дека во овој момент недостатокот на медицинските сестри по сите основи и стандарди во целокупниот јавен здравствен систем е многу голем.

Недостатокот е по основ на број на жители, по основ на број на пациенти, по број на лекари и креветна зафатнина. Тој недостаток ги согорува, а не може да се постигне се со што се задолжени по закон и пропис да испорачаат.

Тоа е една од сериозните причини за незадоволство кај пациентите. Секако дека индикаторот за квалитет на знаење ни недостасува, но ние имаме медицински сестри со исклучителни вештини, искуство и знаење во нашите институции кои не можат технички да постигнат се да испорачаат, изјави Бешлиоска за „Слободен печат“.

Таа додаде дека кариерниот развој на медицинските сестри кај нас е застанат на ниво на Високите медицински школи и специјализациите во шест области, кои во многу од болниците на дел или поголем број на медицински сестри не им се признаени бидејки не се предвидени во систематизациите.

Бешлиовска смета дека треба да има сондажа од терен за потребите на медицинските сестри и така да се носат одлуки за отворање на нови образовни институции за медицински сестри.

Отворањето на Високи медицински школи кои патем немаат индикатори за квалитет на знаење го нарушува професионалниот статус на професијата.

Медицинските сестри треба да имаат автономност на работните места која ќе се брани со професионалност стекната низ образование на сериозни програми, теоретски практични часови, континуирани едукации и признавање по основ на одговорности, по кои треба да бидат и платени.

Современата медицина ги задолжува медицинските сестри на континуирана едукација со цел проширување на компетенциите и работните задачи во тесните специјалности.

Ни требаат академски студии, стручни студии кој ќе ги рефлектираат медицинските сестри во образовниот процес како предавачи во областите на нега на болните. Се со цел да се подигне вредноста на пациентите, додава Бешлиовска.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Нико Беќаровски за „Слободен печат“ вели дека забележува значително опаѓање на квалитетот на медицинските сестри во државното здравство. Бројот на медицински паралелки во Скопје и во внатрешноста е зголемен а оттаму не секогаш се изнедруваат добри медицински сестри. Тој смета дека треба да се ограничи бројот на медицински паралелки за да се заштити квалитетот.

Потребно е драстично ограничување на бројот на медицински паралелки, со оглед на тоа што во моментов функционираат медицински паралелки и таму каде што нема услови за практична работа во средните училишта.

Мислам дека потребата е да има медиицнски средни училишта во Скопје, Штип, Тетово и Битола како што беше во минатото. Квалитетот на медицинските сестри е неспоредлив со минатото. Без пракса доаѓаат на работа, со исклучок на средното медицинско „Панче Караѓозов“ сестрите кои завршуваат редовно. Училиштето во Битола уште држи на квалитет.

На другите места, теоретски сестрите имаат задолжителна летна пракса од 15 дена, ама тоа некогаш е про-форма. Некогаш и ние што работиме на Клиника не знаеме каде се има отворено паралелки, вели доктор Беќаровски.

Неговата идеја за тоа како би можел да се реши проблемот со хиперпродукцијата но и со тоа да се задржат квалитетни кадри во државното здравство, е тоа да има критериуми од кои училишта би можеле да се вработат медицински сестри во државното здравство.

Мојата идеја за тоа како би можела да се подобри состојбата е во јавното здравство да има листа на факултети и средни училишта чии кадри би се вработувале во јавното здравство. Не велам другите училишта и факултети да се затворат, но во јавното здравство да се примаат само од поетаблирани медицински училишта. Реално Македонија би требала да има еден Медицински факултет и да се вработуваат само од факултети што се во првите 2 илјади на Шангајската листа, вели Беќаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот