„Еурактив“: Северна Македонија уште еднаш не успеа да го направи решавачкиот чекор кон пристапувањето во ЕУ

Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (Корепер) донел одлука Албанија да ги започне преговорите за членство со ЕУ по поглавја, со што би била одвоена од земјава на европскиот пат, тврди бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на извори во Советот на ЕУ.

ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот, но понатамошниот преговарачки процес по поглавјата беше запрен – за земјава поради неисполнувањето на преземената обврска за промена на Уставот, а за Албанија поради блокада од Грција, по приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, етнички Грк, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите. Белери, кој во меѓувреме беше избран за европратеник од Грција на изборите во јуни, беше ослободен од притвор за да може да го заземе своето место во Европскиот парламент.

Сепак сега, како што тврди „Еурактив“, Албанија на 15 октомври ќе одржи Меѓувладина конференција со ЕУ, на која ќе ги отвори преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“, во кој се вклучени и поглавјата Набавки, Статистика, Судство и Основни права, Правда, Слобода и Безбедност и Финансиска контрола.

– Ова е добра вест за Албанија во нејзините напори да ги исполни барањата за напредок на нејзиниот пат кон ЕУ, но е назадување за Северна Македонија, која уште еднаш не успева да го направи решавачкиот чекор кон пристапувањето во ЕУ – додава „Еурактив“.

Медиумот пишува дека по години на фрустрација, Бугарија и Северна Македонија се согласија под француското претседателство со ЕУ во јули 2022 година, да го изменат својот устав и да го вклучат бугарското малцинство заедно со другите малцинства кои моментално се споменуваат како „турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромите народот, бошњачкиот народ и други“.

– Со тоа Софија ќе го укине своето вето и напредокот на разговорите во Скопје. Сепак, договорот не е имплементиран поради недостаток на политичка волја и консензус во Северна Македонија, што значи дека на двете земји нивниот пристапен процес е закочен. Во моментов 100.000 македонски државјани се стекнале со бугарско државјанство, што значи дека го докажале својот бугарски корен – се наведува во текстот.

Откако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во мај минатата година, „Еурактив“ потсетува дека новата влада на Христијан Мицкоски јасно ставила до знаење дека сака повторно да преговара за таканаречениот „француски предлог“. Како што се очекуваше, ЕУ ја отфрли оваа позиција и предупреди дека следниот чекор ќе биде одвојување на Северна Македонија од Албанија и давање шанса на Тирана да напредува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот