ЕУ го почнува систем(ат)скиот преглед на Македонија: Темелен увид на дискриминацијата и говорот на омраза

Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Посебен предизвик ќе биде кластерот Темели, кој е и прв на ред во скринингот. Тоа е поради новата методологија, која става акцент на него, но и поради бугарските барања вметнати во кластерот и нагласени во Преговарачката рамка – како прашањата на дискриминација и говорот на омраза.

Со официјалниот почеток на скринингот на ЕУ, Македонија од денеска тргнува во реализација на поставените патокази за остварување полноправно членство во Европската Унија. Иако се работи за формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со скринингот се добива јасна слика и преглед каде стои државата и што треба да се направи во годините што следуваат.

Според календарот, скенирањето на државата треба да заврши до крајот на наредната година, до кога треба да завршат и уставните измени. За нив сѐ уште не е утврден ниту календар, ниту динамика, но без нив Унијата јасно порача дека нашата евроинтеграција прекинува.

Што претставува скринингот

Аналитички или објаснувачки и билатерален скрининг се двете фази на техничката операција. Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, експерт за евроинтегративните процеси, во разговорот за „Слободен печат“ објаснува дека во аналитичкиот скрининг Комисијата ќе го претстави она што е ново во европското законодавство во однос на неофицијалниот скрининг одржан во 2018 и 2019 година.

– Тоа ќе биде можност нашата администрација директно да ги осознае новините и, што е поважно, да ги постави вистинските прашања до соговорниците од Европската комисија. Значи треба веќе да ги има антиципирано клучните проблеми што ќе се појават во билатералниот скрининг и натаму во преговорите. Во овој дел презентираме оцена за усогласеноста на нашето законодавство (но и имплементацијата) со она што е презентирано од Комисијата во аналитичкиот скрининг. Меѓутоа, треба да се претстават и плановите, како и потребната поддршка за остварување на реформите. Тоа значи дека веќе треба да се има многу јасна визија и план каква е состојбата во сите кластери и што ќе се презема – објаснува  Ристевска-Јорданова.

Според неа, ова не би требало да биде голем проблем за држава што веќе 15 години подготвува и ажурира Национална програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), која всушност има слична структура со она што треба да се претстави на билатералниот скрининг. Но, според квалитетот на Националната програма, смета дека може да очекуваме проблеми.

– Посебен предизвик ќе биде кластерот Темели, кој е и прв на ред во скринингот. Тоа е поради новата методологија, но и поради бугарските барања вметнати во кластерот и нагласени во Преговарачката рамка – како прашањата на дискриминација и говорот на омраза. За овие прашања, но и за сѐ друго, нашата администрација треба да биде многу добро подготвена – со познавање на европското законодавство, практика, јуриспруденција и меѓународните стандарди. Прашање е колку ќе има капацитет за тоа, имајќи предвид дека тој континуирано слабее под притисокот на политиката – објаснува Ристевска-Јорданова.

Кога се зборува за капацитетот, таа смета дека голем проблем е што политиката е наметната над професионалноста и правото, така што, и да има капацитет, администрацијата се чини дека нема простор за маневар.

– Друг проблем е што ние имаме многу експерти надвор од администрацијата за овие и за други теми, но досега тие не се користеа, особено ако не се по тертип на политиката, па прашање е колку и допрва ќе се користат. Сето ова може да резултира со натамошно преземање обврски, кои немаат основа во правото на ЕУ, замка во која веќе влеговме – додава таа.

Нејзината порака е дека треба да се биде многу внимателен во преземањето обврски и ветувањето реформи, зашто ако преземените обврски за реформи не се исполнат, може да се активираат корективни мерки засилени со новата методологија – суспензија на преговорите, повторно отворање кластер и укинување на отворањето кластер.

Но, како што оценува Ристевска-Јорданова, предизвици ќе има и во другите кластери, а проблемот е што ни се наметнуваат приоритети поради билатералните договори и прашања и како да не останува простор за наши приоритети или, пак, не сме чуле дека такви се поставени – на пример, животна средина, енергетика, трансевропски мрежи, безбедност на храната…

Неформални скрининзи

Освен оној од пред три-четири години, во Македонија имаше неформален скрининг и во периодот од 2010 до 2014 година кога, како што вели тогашниот државен секретар во СЕП Јован Андоновски, беше констатирана прилична усогласеност.

– Потоа дојде период на сериозен пад во одредени области, владеење на правото, правосудство, борба против корупција и организиран криминал, слобода на медиуми… што значеше и благ застој на реформската агенда -изјави Андоновски за „Слободен печат“.

За скринингот, како што вели, од исклучително значење е подготвеноста на администрацијата, бидејќи таа ги подготвува материјалите и ја „храни“ Европската комисија, а тогаш имаше 35 работни групи со над 1.500 луѓе и тоа од администрацијата, од невладиниот, од бизнис-секторот и од академската заедница, сите формирани со одлука на Владата.

Инаку, процесот на скрининг обично трае околу една и пол година. Во случајот со Црна Гора, на пример, траеше речиси две години, а во Хрватска двојно пократко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот