Есенската кошница се полни со производи што се поевтини од 2 до 10 денари

Намалени цени во маркети / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Од обиколката што „Слободен печат“ ја направи низ дел од скопските маркети, можеше да се забележи дека менаџерите интензивно ги менуваа цените на рафтовите и брзаа да ги постават ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“ за да не се најдат на удар на пазарната инспекција

Намалувања на одредени производи од 2 до 10 денари, цени останати на истото ниво како и претходно (јајца), зголемувања кај голем број прехранбени, кондиторски и хемиски производи и понуда на зеленчук и овошје со евидентно понизок квалитет е билансот од првиот ден на со денови најавуваната поевтина за 10 отсто есенска кошница.

Од обиколката што „Слободен печат“ ја направи низ дел од скопските маркети, можеше да се забележи дека менаџерите интензивно ги менуваа цените на рафтовите и брзаа да ги постават ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“ за да не се најдат на удар на пазарната инспекција. Во зависност од големината на маркетот, еден килограм розов домат од вчера се продаваше за 135 и 146 денари, индустриските краставици чинеа над 120 денари, килограм моркови наместо 43 сега чини 35 денари, додека бананите остана на цената од 74 денари за килограм.

Намалени цени во маркети / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Јаболката се продаваат од 45 до 70 денари за килограм, додека килограм корнишони за туршија наместо 89 сега чини 78 денари. Цената на јајцата е на истото ниво од 77 денари за пакување од 10, а извесно намалување од неколку денари се забележува кај маркетите што имаат сопствени пекарници. Поевтини цени за десетина денари можеа да се забележат кај дел од сирењата и кашкавалите, но тие и натаму остануваат недостапни за голем дел од муштериите. Очекувањата на граѓаните спласнаа како издуван балон, а тие револтирано прашуваат дали ова е реално намалување на основните прехранбени производи.

– Домати за 150 денари, тоа ли е толку најавуваната евтинија? Си играат со нас. Демек месец дена ќе штедиме, а што потоа? Ќе чекаме една кошница да ја замени друга кошница – критикуваат граѓаните.

Од друга страна, како и во претходните владини акции за спас на стандардот, зелените пазари не се опфатени со мерките, а кај нив цените се уште повисоки од оние што владеат во маркетите. Рекордери се црвените ајварки со цени од 100 до 120 денари за килограм, карфиолот што се продава за 250 денари, боранијата и спанаќот со 150 и 120 денари, а последните градинарски розови домати се продаваа за 170 денари. Пазарџиите велат дека продавачите на пазарот на големо од почетокот на неделата ги зголемиле цените за најмалку 30 отсто. Тие брифираат дека има многу слаба понуда на свеж зеленчук и овошје и тоа само за оние што ќе ги пречекаат мугрите пред Кванташкиот пазар во Скопје, бидејќи најубавата стока оди за кеш кај трговците од Косово.

Намалени цени во маркети / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

– Не може да ги продаваат зелените пиперки поевтино, ако сум ги набавил за 100 денари. По првиот ред се наредени најквалитетните примероци, во кутиите и вреќите има многу скапани производи. Тоа мора да се фрли, а нам не ни се признава фрлената стока. Ако маркетите ја бојкотираат мерката за намалување на цените на зеленчукот и на овошјето, тоа нам ни одговара, бидејќи тогаш трговците ќе ја намалат цената за продажба на големо – велат продавачите на Зелениот пазар.

Одлуката за намалување на бруто-профитната маржа на 73 производи, во понеделникот беше објавена во Службен весник, а во маркетите и во продавниците каде што стојат овие производи беа поставени задолжителните ознаки.

– Цените на брашното, оризот, млечните и пекарските производи, месото, зеленчукот и овошјето треба да бидат намалени до 31 октомври. А веќе в петок треба да почне и примената на законот за забрана на нефер трговски практики, со кој се очекува да се стави крај на проблемите со цените – порачаа од Владата.

Намалени цени во маркети / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Септемвриската синдикална кошница чини 61.306 денари

Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека во септември минималните трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 61.306 денари што е зголемување за 107 денари во однос на август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари.

– Загрижува податокот во делот на трошоците за Исхрана и пијалаци за септември, кои изнесуваат 23.034 денари споредено со август (22.317 денари) и истите како трошок се зголемени за 717 денари, што покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигурат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија – велат од ССМ.

Оттаму додаваат дека делот од синдикалната минимална кошница за трошоци за исхрана и пијалаци во целост, односно 86 проценти се преземени во списокот на производи чии маржи се ограничени од Владата, со што се очекува дека доколку трговците ја почитуваат мерката, ќе придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалаци на најранливите категории граѓани или на работниците со најниски примања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот