„Епохалната инвестиција“ во енергетиката

Од новиот ветропарк добиваме домашно производство, но само на хартија, бидејќи газдите се странци, кои единствени од него ќе профитираат. Ние ќе ја купуваме од нив струјата на берза, значи исто како да не се градело ништо, а сме ги изгубиле локациите за бадијала.

По рекламирањето на новиот ветропарк кај Штип, можеме само да ја потврдиме претпоставката дека ветропаркот нема да биде македонска инвестиција, туку ќе биде странска директна инвестиција (СДИ), каде што инвеститор ќе биде странскиот инвестициски фонд за зелена енергија „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург, а менаџиран од Дубаи, ОАЕ. Затоа се молат медиумите да престанат да дезинформираат дека станува збор за „прва инвестиција на новата влада“, бидејќи владата тука нема ништо да инвестира, освен што ќе ги раскрчми планинските сртови за странски интереси.
Да ги разгледаме главните поенти од објавата и да ги разбиеме митовите. Прво, странската инвестиција ќе отворела 630 работни места за време на изградбата и ќе задржеле 200 вработени после пуштањето во работа. Па доколку нашата држава инвестираше и градеше, ние исто така ќе ги вработевме тие 630, односно 200 луѓе, така што тука нема никаква екстра придобивка.
Истото важи и за енергијата за 100 илјади домаќинства: доколку инвестираше Македонија, повторно би имале енергија за 100 илјади домаќинства, што значи дека нема екстра придобивка од странскиот инвеститор.
Второ, ни кажуваат дека оваа странска инвестиција ќе ни го кренела годишниот БДП за 100 милиони евра. Иако друг пат ќе видиме дека оваа бројка е нереална, дури и ако ја прифатиме, се работи за чисто статистичко учество, односно евидентирање на производот во домашниот БДП, додека во стварност македонскиот буџет нема да види денар од тие пари, бидејќи странскиот инвеститор ќе го изнесе профитот во фондот во Луксембург, од каде ќе им исплатува солидни дивиденди на своите инвеститори. Единствениот ќар би бил данокот на добивка од 10%, но и тука нема екстра придобивка, бидејќи доколку инвестиравме самите, данокот секако би се уплатувал во буџетот.
Значи, дотука не видовме никаков екстра ќар. Да го видиме сега екстра зијанот. Доколку навистина ветропаркот остварува годишна добивка од 100 милиони евра, за 30 години (колку што типично изнесува работниот век на ветерните централи) нашата изгубена добивка изнесува неверојатни 3 милијарди денешни евра! Во идни евра, прилагодени со инфлацијата – двојно повеќе.
Значи, губиме 3 милијарди евра добивка, а заштедуваме само каматни трошоци, коишто при каматна стапка од 4% (за кредити за зелена енергија, што лесно се одобруваат деновиве), на 85% од 500 милиони долари, односно 425 милиони долари позајмени пари на 20 години, изнесува само околу 215 милиони долари. Така ние би вратиле вкупно 425 + 215 = 640 милиони долари во 20 еднакви ануитети од по 32 милиони долари.
Бидејќи ануитетите за заемот се отплатуваат од приходите, ние повторно ништо не губиме. Ветерната централа носи по 100 милиони долари годишно, отплатуваме по 32 милиони долари, а ни остануваат уште по 68 милиони годишно. После отплатата во 20-тата година, секоја година би ни останувале сите 100 милиони денешни долари, но индексирано со стапката инфлацијата – сè повеќе и повеќе.
Инаку, за изгубените 3 милијарди долари државата ќе мора да се задолжува за своите потреби – ете ја најочигледната штета од испуштениот проект и нашето неработење. Нема да видиме ни модерни болници ни брзи пруги, ама затоа странските инвеститори задоволно ќе тријат раце од вакви како нас.
Од објавата дознаваме и дека Македонија нема да добива 18 % од произведената струја, како надоместок за локациите, а општините ќе добиваат некаков мизерен надоместок на име закуп. Бидејќи станува збор за земјиште од V и VI категорија на планините, за 50-60 хектари не би добиле повеќе од половина милион евра годишно. Ова е премала цена за изгубените локации, каде што Македонија би можела самата да гради ветропаркови, а на овој начин се лишува од нив во следните 30 години.
Чудно е зошто оваа „инвестиција“ не беше рекламирана во изборната програма на владејачката партија. Но, сега станува помалку чудно зошто молчеле додека ние инженерите се боревме против раскрчмувањето на Чебрен и гасната централа на Митилинеос за време на вледеењето на претходната власт. Сега гледаме дека всушност се работи за две страни на една иста паричка.
Четврто, не стана ни збор за балансирањето на предложениот ветропарк. Да претпоставиме дека Македонија нема да има обврска да им го откупува целокупното производство. Но, во тој случај зарем странците би прифатиле толку висок ризик да ја продаваат електричната енергија „ден однапред“ (day ahead) и да ризикуваат наредниот ден – доколку нема ветер – да плаќаат по 105 евра/MWh за балансирање, односно покривање на количествата што не ги испорачале?
Како што знаеме, Македонија нема изградено реверзибилна хидроцентрала за складирање на вишоците за одложена потрошувачка, но и балансирање на овие волатилни (непостојани) извори на енергија. Чудно е ако во вакви услови се одлучат на вложување, но којзнае, можеби ќе градат и сопствени литиум-јонски батериски банки за складирање на енергијата.
Петто, беше споменат јаглеродниот данок и придобивката од новиот ветропарк. Слично како и со вработувањата, тука не гледаме никаква екстра придобивка, бидејќи и нашата држава, доколку градела самата би го постигнала истото. Најпозитивен пример претставува ветропаркот во Богданци, граден од нашиот ЕСМ со 13,5% сопствено учество и останатите 86,5% земени како поволен кредит од Владата на СР Германија и КфВ банката. Парадоксално, но со оваа најнова „инвестиција“ сме дури чекор поназад и од времето на Никола Груевски. Ветропаркот денеска успешно произведува, од приходите го отплатуваме кредитот, а добивката останува на државата. Се работи како по учебник.
Вака што евентуално добиваме? Добиваме домашно производство, но само на хартија, бидејќи газдите се странци, кои единствено од него ќе профитираат. Ние ќе ја купуваме од нив струјата на берза, значи исто како да не се градело ништо, а сме ги изгубиле локациите за бадијала. Единствена минимална придобивка би била што би заштедиле 6 % кај трошоците за пренос на електричната енергија од увоз, но тоа е капка во морето од 3 милијарди денешни долари изгубена добивка во текот на наредните 30 години, како и изгубените локации за сопствени централи.
Петто, просто неверојатно е како се преземаат вакви гигантски проекти без никаква физибилити студија. Внатрепартиските анализи можат да послужат како појдовна основа, но потоа мора да следи сеопфатна државна економска и техничка физибилити студија, што во овој случај отсуствува.
Да ја земеме за пример електропреносната мрежа на МЕПСО. Таа дефинитивно не е подготвена да прими таков огромен извор на електрична енергија. Мрежата е веќе запоседната од 600 MW фотоволтаици, а уште 600 MW фотоволтаици се во изградба. Нови 400 MW би биле капката што ќе ја прелее чашата. Ние гледаме дека МЕПСО после 9 години не е во состојба да го пушти во работа далноводот од РЕК Битола до границата со Албанија, а камоли да се проширува, односно да ги засилува постојните далноводи, трафостаници и високонапонски расклопни постројки во штипско и пошироко. Не дај боже „Алказар енерџи“ да го изгради ветропаркот, а електропреносниот систем да не може да ги прими? Одново ќе нé чекаат судски арбитражи во Париз и стотици милиони евра отштета, исплатени од државниот буџет.
Ова што сега се прави е навистина дилетантска и непромислена работа, во стилот на „како мали Ѓоќица замислува ветроелектрана“. За да можат да се изградат вакви огромни капитални проекти, најпрво би требало да има донесена енергетска стратегија, на која би работеле заеднички ЕСМ, МЕПСО и техничките факултети во државава, после што постепено би се создавале услови за изградба, т.е. најпрво би се проширувала мрежата. Налудничаво е да се помисли да се носи толкав голем странски инвеститор на неподготвен терен. Молчењето на инженерите и на професорите, особено професорите по електроенергетски системи, доволно гласно зборува за проблемот.
Врз основа на претходно изложеното, сметам дека се големи шансите, откако „Алказар енерџи“ ќе ја сними ситуацијата на теренот и правилно ќе ги измери сите ризици во кои се впушта, самите да се откажат од предложената инвестиција. Нема да ни биде првпат, доволно е да се потсетиме дека владата на Зоран Заев во 2021 година имаше намера да гради ветропарк во Кумановско, најголем на Балканот. Од него не испадна ништо, слично како инвестициите на Субрата Рој.
Ако „Алказар енерџи“ сепак реши да гради, можеби најдобар предлог што може да се даде во моментот е Македонија и самата да инвестира во нивниот фонд и така да учествува во добивката, иако би плаќала надоместоци за менаџирање и перформанси на фондот. На странскиот инвестициски фонд можеме само да му порачаме со здравје да си ги изнесе и троши парите од профитот, а на македонските граѓани – на здравје бричењето.

(Авторот е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот