Енергетската транзиција е скапа, но поскапо е да се живее без неа

Фотографија: Весна Дамчевска, Слободен печат

Европската енергетска зaедница одржува форум во Скопје. Оттаму велат дека таксата за декарбонизација е реалност во земјите на ЕУ, а и дека и за нашата земја не е далечна иднина. Значајно е да се привлечат инвеститори за електрани на обновлива енергија. За добри идеи постојат европски фондови

Македонија ја почна енергетската транзиција и мора да продолжи на тој пат. Процесот е скап, но на располагање се европските енергетски фондови, кои имаат одвоено големи износи за таа намена, само треба да се аплицира за такви проекти. Инвеститорите, пак, веќе го согледаа значењето на алтернативната енергија, дека таа станува иднина, па дури и во земји богати со фосилни горива, се насочуваат кон зелената енергија.

Ова се поентите што вчера беа пренесени пред почетокот на Форумот за праведна енергетска транзиција што во Скопје го одржа Енергетската заедница.

– Имаме два фокуса, еден е самата транзиција што се случува во европските земји, па и во Северна Македонија, а друг е како таа транзиција да биде праведна и фер за сте. Северна Македонија е во процес на трансформација на секторот, се инсталираат соларни централи во земјава. Ова е почеток на многу длабока транзиција и ние се фокусираме како таа да се спроведе, на начин македонскиот народ да биде добитник – рече Дирк Бушле, извршен директор на Енергетската заедница со седиште во Виена.

Дирк Бушле, извршен директор на Енергетска заедница

Од Енергетската заедница велат дека таксите за декарбонизација мора да станат реалност и дека тие и за нашата земја не се далечна иднина.

– Таксите за декарбонизација можеби не се некој популарен метод, но на ваков, или на поинаков начин, народот ќе плати за користење на енергијата од фосилни горива – преку загадување на животната средина, преку трошоците за здравство… Северна Македонија мора да го направи тоа и поради влошениот квалитет на јагленот што го има. Енергетската транзиција е скапа, но уште поскапо народот ќе плати ако не се спроведе транзицијата – порачаа пред Форумот од Енергетската заедница.

Земјите во ЕУ плаќаат таканаречена карбон-такса, но нема утврдено еден фиксен износ за сите, туку тоа зависи од повеќе фактори. Според ажурираниот список на „Такс фондејшн“, најниска такса има Украина – 0,75 евра за тон јаглероден диоксид, а највисока имаат Лихтенштајн и Швајцарија – 120,16 евра за тон јаглероден диоксид.

– Цената за емисијата на јаглероден диоксид е реалност секаде во Европа и во многу земји од светот. Тоа е цената за тоа како се планира да се ослободиме од фосилните горива, а карбон-таксата дава и сигнал да се преструктуираат земјите на алтернативна енергија. Тоа се прави преку такси, преку систем што е воспоставен. Ние во Енергетската заедница веруваме дека постојат многу причини за менаџирање на регионално ниво и сме благодарни што Северна Македонија е водач. Форумот е добра можност да се дискутира и за влијанието на тие цени, но не е работата во тоа да се направи цената на електричната енергија од фосилните горива многу повисока, туку да биде така дизајнирана да излезе во пресрет на социјалните и на ценовните ефекти, а исто така и да ја забрзаат транзицијата во мали проекти – вели Бушле.

Во Енергетската заедница велат дека е јасно дека енергијата од алтернативни извори не е постојана како онаа од фосилните, но потенцираат дека токму затоа е важно енергетскиот систем да се гледа како регионален и регионално да се пеглаат кусоците и вишоците на електрична енергија.

Државниот секретар во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ истакна дека Северна Македонија има одговорност кога станува збор за климатските промени и дека треба да ги почитува политиките на ЕУ, а тоа значи да се намалат емисиите на стакленичките гасови.

-Како договорна страна на Енергетската заедница, институцијата може да ни помогне во спроведувањето на регулативите – истакна Чекиќ Дуровиќ.

Македонија има стратегија за изградба на обновливи извори на енергија до 2040 година, според која дотогаш во систем треба да се пуштат 1.500 мегават-часови електрична енергија од соларни централи, а планот, како што неодамна рече министерот за економија Крешник Бектеши, веќе половина е исполнет. Тој е уверен дека Стратегијата целосно ќе се спроведе и дека Македонија е лидер во регионот по зелената транзиција. Минатата недела беше пуштен еден од најголемите проекти во тој процес, ФЕЦ „Новаци“ со вкупен капацитет од 55 мегавати, која годишно е проектирана да произведува 85.000 мегават-часа што претставува електрична енергија што е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства. Сепак, она што е се смета за најголем енергетски проект од осамостојувањето на земјата, допрва доаѓа, а тоа е реверзибилната централа „Чебрен“’ што треба да ја гради грчки инвеститор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот