Енергетска криза: Зелените политики да бидат одговор на црвеното светло за тревога

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

Децентрализација на производството на електрична енергија и олеснување на административните процедури и поддршката за инсталирање фотоволтаични панели на покривите на домовите можеше да биде завршена одамна и тоа ќе го ослободеше енергетскиот систем, сметаат од „Еко-свест“.

Енергетската криза чиишто последици веќе се чувствуваат во земјава се резултат на повеќе фактори: долгогодишна погрешна економска и инвестициска политика во енергетиката, подредена на интересите на одредени групи и индивидуи, а не на јавниот интерес, како и недостиг на политички консензус за енергетските и климатските политики и отсуство на долгорочно планирање.

Ова е сублимираниот став на домашните еколошки организации што се залагаат за енергетската транзиција и за зелени политики. Според граѓанското здружение „Еко-свест“, децентрализација на производството на електрична енергија и олеснувањето на административните процедури можеше да биде завршена одамна и тоа ќе го ослободеше енергетскиот систем.

Неодговорно е во криза да се субвенционираат мали хидроцентрали

Од граѓанската еколошка организација „Фронт 21/42“ на Владата ѝ порачуваат дека е неодговорно во услови на енергетска криза да се продолжи со субвенционирање на енергијата од малите хидроцентрали и полнење на џебовите на неколку приватни институции.

„Владата дава објаснување на енергетската политика, но не кажува дали ќе продолжи да ги субвенционира малите ХЕЦ, иако многубројни студии ја покажуваат нивната економска неисплатливост“, велат од „Фронт 21/42“.

Иако Владата се повикува на хармонизација со европската енергетска политика, таа премолчува дека токму ЕУ предлага да се размисли за повластените тарифи за малите хидроцентрали.

Во услови на климатска криза и зачестени и продолжени сушни периоди, малите хидроцентрали не можат да излезат во пресрет на очекувањата, бидејќи тие во сушни периоди воопшто не произведуваат струја, а не помалку негативни се ефектите на уништување на речните екосистеми и промената на микроклимата, велат од „Еко-свест“. Наместо субвенционирање мали хидроцентрали, подобро да се вложуваше во енергетската ефикасност и во едукација на граѓаните за ефикасно користење на струјата, како и да дозволеше децентрализација на производството на електричната енергија за граѓаните со инсталирање на фотоволтаици заради растоварување на енергетскиот систем. За таа цел државата досега требало да ги направи очекуваните измени на подзаконски акти, со кои граѓаните од консументи би станале потрошувачи-производители на струја.

„Нашата анализа за Кичевскиот Регион покажа дека само тој има потенцијал за инсталирање на околу 40 мегавати фотоволтаични системи на крововите на домаќинствата што е околу 32 отсто од вкупната инсталирана моќност на ТЕЦ Осломеј“, велат од „Еко-свест“.

Оттаму потсетуваат и на проблемот со слабата енергетска ефикасност. „Во Скопје повеќе од 70 отсто од станбените објекти немаат топлинска изолација. Во услови кога зависите од увоз на електрична енергија секоја загуба на енергијата е штета“.

Фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии, велат од Владата

Владата на почетокот на годинава во неколку наврати најави дека нема да издава нови концесии за изградба на мали хидроцентрали, како и дека ќе се преиспитаат дел од веќе постојните концесиски договори за оние локации каде што овие објекти имаат негативно влијание врз природата.

„Стратегијата за развој на енергетиката донесена од Владата во 2019 година, разработува три сценарија – референтно сценарио, сценарио со умерена транзиција и зелено сценарио, кои одразуваат различна динамика на енергетска транзиција и овозможуваат флексибилност на земјата да одговори на соодветните политики за управување во ЕУ, кон модерна, конкурентна и климатски неутрална економија до 2040 година“, ни одговори Владата на прашањето дали се планира продолжување на субвенционираната т.н. „фид-ин“ тарифа за малите хидроцентрали по препораката од Европската комисија да се прекинат субвенциите поради малите ефекти и негативните влијанија врз животната средина.

„Во димензијата декарбонизација, меѓу другото, се препорачува промовирање на користењето обновливи извори на енергија на начин што обезбедува одржлив развој. Уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на финална енергија се зголемува во сите сценарија и треба да достигне 35-45 отсто во 2040 година“, велат од Владата.

Фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија (до 1.400 мегавати за фотонапонските и 750 мегавати ветерните), додека изградбата на нови мали хидроелектроцентрали треба внимателно да се процени во однос на влијанијата врз животната средина наспроти придобивките од произведената електрична енергија, ни одговори Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот