„Економско предавство на татковината“: Битиќи за заемот од Унгарија

Собранието денеска со 65 гласа „за“ го изгласа Законот за задолжување на Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка.

Во текот на општиот претрес за законот на продолжението на 14. седница, опозицијата обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен и оти ќе се помогне на општините и на стопанството.

Заемот од Унгарската експорт-импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски ги претстави условите за заемот и посочи дека државава ќе и плаќа на унгарската Експорт импорт банка провизија за евентуално неповлечени финансиски средства во висина од 0,5 проценти од заемот, на годишно ниво.

Според пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, задолжувањето од Унгарија е „економско предавство на татковината“ и „удар врз домашните компании.“

„Овој заем е удар за домашните компании, нивно исфрлање од економската орбита на оваа влада. Ова е удар врз трудот на македонските бизниси, економско предавство на татковината“, рече Битиќи.

Тој вели дека заемите како овој, кои доаѓаат од ЕКСИМ банки, независно дали тоа е од Унгарија или од друга земја, наметнуваат и услов, парите да се користат за фирми кои доаѓаат од матичната земја.

Наспроти ова, пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски вели дека СДСМ „го загубил правецот“.

Петрушевски рече дека е „срамно еден поранешен вицепремиер за економски прашања да излегува на говорница и да го критикува ова задолжување имајќи предвид дека во времето кога Битиќи бил вицепремиер, тогашната влада го удвоила јавниот долг од 4,7 на 8,9 милијарди евра.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот