Екологијата се сведе на кеси со потскратени рачки

Најлонски кеси / Фото: МИА

Резултат од целата операција за намалување на употребата на пластичната амбалажа е масовниот увоз на биоразградливи кеси од Турција и Грција и уште помасовниот увоз на полипропиленски торби, што според екологистите е далеку поопасна амбалажа

За нешто повеќе од една година, откако се забрани употребата на пластична амбалажа во трговијата, хартиените ќеси служат повеќе како декор на касите по маркетите. Магацините на производителите се преполни со залихи, а еколошкиот момент се повлече пред практичноста. Продавачите велат дека еден од десет купувачи се пофаќа за хартиена кеса, иако во некои маркети ќе ви релат дека не продаваат пластични кеси. Од друга страна пак, голем дел од зеленчукот и овошејто се пакува во пластични кутии за еднократна употреба. Резултат од целата операција за намалување на употребата на пластичната амбалажа е масовниот увоз на биоразградливи кеси од Турција и Грција и уште помасовниот увоз на полипропиленски торби, што според екологистите е далеку поопасна амбалажа. Производителите не се согласуваат дека хартиената амбалажа е драстично поскапа од пластичната, а се спорат и со наводите дека тие „не го држат“, купеното овошје и зеленчук.

-Разликата во цената на пластичната и хартиената кеса е 1 денар, ама трговците сакаат да заработат стопроцентно па ги продаваат од 9 до 12 денари. Во однос на издржливоста треба јасно да се разгранички што е кеса од стопроцентна целулоза, а што е од рециклирана хартија, која е понеиздржлива – брифираат производители на хартриена амбалажа за „Слободен печат“.

Тие додаваат дека многу фрими од нивната бранша ги затвориле погоните, а на оние кои останале заработката им е далеку од очекуваната.

– Продолживме со производство на ќеси за подароци и брендирани ќеси, а ќесите за маркетите многу помалку се трошат. Ефектот не беше ни оддалеку колку што очекувавме, бидејќи се надевавме дека ќе трошиме големи количини. Младите користат хартиени ќеси, а постарите си носат торби – вели Оливер Стојчевски, комерцијален директор во фабрика за производство на хартиени ќеси во Битола.

Очигледно е дека наводната грижа за екологијата ќе трае се до влезот во ЕУ. А, колку се стеснува манипулативниот простор неодамна се уверија и претставниците на македонската делегциија во Брисел во рамките на скринингот на Кластер 4, во делот на Поглавјето животна средина. Поглавјето животна средина се смета за најтешко и најскапо во процесот на преговори на земјите за членство во Европската унија, затоа што пред да станеме членка на Унијата, ќе мора вистински да ја ограничиме употребата на пластиката за еднократна употреба, нејзиното собирање и третирање, итн. Освен што европската Директива за пластика за еднократна употеба предвидува капачињата да бидат прикачени за самата флашичка, таа предвидува произведувачот да ги сноси трошоците за информирањена граѓаните за штетноста од пластиката за една употреба, нејзино одложување и третирање, но и анализа на податоците.

Инаку, пластичните ќеси и натаму доминираат во маркетите, аптеките, бутиците и на пазарите, ама поради цената од 15 денари, сè повеќе купувачи си носат платнени торби или торби за повеќенаменско пазарење по цени од 39 до 100 денари.

Завршува преодниот рок, по 1 јуни задолжително биоразградливи кеси

До 1 јуни 2023-та може да се пласираат оксо-биоразградливи ќеси (МКС 1009) кои се задолжителни од 2013 година. По 1 јуни годинава, задолжително ќе се пласираат ќеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради. Од 1 декември 2021 година се забрани пуштање на пластични кеси за носење на стоки за еднократна употреба на пазарот во земјава. Дозволено е пуштање на пазарот на територијата на државата само на биоразградливи кеси за носење на стоки што се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост. Парите од продажбата на ќесите одат во специјален фонд за животна средина.

Ќесите за повеќекратна употреба стануваат нов проблем

Ограничувањата за употреба на пластични кеси за еднократна употреба имаат негативна страна, објави неодамна СНН. Потрошувачите веќе трупаат поиздржливи кеси и кеси кои трговците ги продаваат поевтино или им ги даваат како алтернатива на пластиката за еднократна употреба. Ова создава нови еколошки проблеми, бидејќи според проценките, една памучна кеса треба да се користи најмалку 7.100 пати за да биде навистина еколошка.Во Британија, просечниот човек сега купува само три кеси за еднократна употреба годишно, што е помалку од 140 во 2014 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот