Еко-активистите до министерот Нуредини: Не прифаќаме средба додека не ги исполните сите седум барања

Насер Нуредини

Еко-активисти кои се борат за заштита на животната средина, објавија соопштение, во кое го одбиваат предлогот за средба со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, се додека не бидат исполнети нивните барања.

„Не прифаќаме средба со вас, господине Нуредини се додека не ги исполните сите седум барања на Националната коалиција на граѓански организации и иницијативи за заштита на животни и животна средина „Зелен фронт“ до вас и до останатите органи на државната власт кои побаравме да ги исполните со цел да покажете вистинска волја за решавање на многуте горливи проблеми кои се содржат во т.н. Зелена книга што произлезе од „Маршот за чист воздух“ одржан на 29 ноември. Ова е одговорот на „Охрид СОС“, едно од граѓанските здруженија кои се организатори на протестите за чист воздух што се одржаа на 29 минатиот месец и на 22 декември во Скопје на поканата која министерот за животна средина, Насер Нуредини им ја упати за утре.

„Поканата за средба ја испраќате иако на нашето барање и на отвореното писмо да ја поднесете до Рамсарскиот секретаријат номинацијата за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за Рамсарско подрачје недвосмислено застанавте на страната на службеници во министерството кои очигледно си ја злоупотребиле својата должност и работеле на штета на јавниот интерес. Немаме ни трошка толеранција за непотребно одолговлекување, смешни изговори и отворена злоупотреба на должност од страна на функционери и службеници кои се платени од нашите пари посебно по јавното бламирање на заменик-министерот Јани Макрадули кој во очаен обид да ја „смири“ јавноста на прес-конференција презентираше низа лажни информации околу со загадувањето“, велат од „Охрид СОС“, потсетувајќи на, како што велаат – „непримерниот однос на Макрадули кон граѓанските активисти“ на последниот состанок на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.

„Бараме дела, не зборови, му порачаа на Нуредини од Охрид СОС, а за да ги видиме делата не ни требаат состаноци“ се вели во одговорот на „Охрид СОС“ на поканата од Министерството за животна средина.

Инаку, министерот Нуредини, имаше закажано работна средба со граѓанскиот сектор, која требаше да се одржи утре, за, како што беше кажано, да се споделат информации во врска со преземените и планираните идни активности за решавање на проблемот со загадувањето и размена на мислења во однос на евентуални нерешени и отворени прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот